Браќата Усеини понудиле 20.000 евра за да излезат од притвор, ден откако се предадоа

Советникот во општина Охрид – Нефи Усеини, и неговиот брат, понудиле вкупно 20 илјади евра, односно по 10 илјади евра во кеш, за да бидат пуштени од притвор и мерката да им се замени со домашен притвор или поблага мерка. Информацијата, за „Телма“, ја потврдил и адвокатот на браќата.

Од судот во Охрид не откриваат дали и кога ќе одлучат, но уверуваат дека законските рокови ќе бидат запазени. Од Обвинителството, пак, се против браќата Усеини да бидат пуштени од притвор.

Нефи Усеини и неговиот брат вчера сами се пријавија на капијата на затворот во Охрид, по 6 дена бегство од органите на прогонот, откако судот им изрече мерка 8-дневен притвор по сите три основи (можност од повторување на делото, влијание на сведоци и бегство) за нападот на охриѓанецот Спире Топалоски, кој прво тврдеше дека го тепале со пиштол, а потоа дека му се причинило и дека со Нефи биле другари. Како што извести претходно МВР, снимките и разговорите со очевидци го потврдуваат првичниот исказ на Топалоски.

Оваа кривична пријава за „насилство“ и „недозволено држење оружје и распрскувачки материјали“, за Нефи и неговиот брат, е само последната во богатата колекција на бизнисменот и советник на Град Охрид од редовите на ДУИ.

 

- Реклама -