Осигурителните куќи може да очекуваат бран на барања за обесштетување по крахот на компјутерските системи поради ажурирање на програмата за заштита од сајбер напади на CrowdStrike.
Во петокот наутро, нешто по седум часот по средноевропско време, американската компанија испрати предупредување со клиентите дека Фалкон Сенсор, програмата за заштита, го руши оперативниот систем Windows, што на екраните на компјутерите се манифестира со „Син екран на смртта“.
Во предупредувањето, компанијата објасни дека корисниците може да го решат проблемот „пешки“.
Според Мајкрософт од ажурирањето на CrowdStrike биле погодени околу 8,5 милиони уреди низ светот, вклучувајќи и многу компјутери на болници, аеродроми, авио компании, како и медиуми и банки.
Сега, следува бран на барања за обесштетување од погодените организации и компании од прекинот, но сепак, нема сите да добијат пари.
Стандардната полиса за прекин на деловна активност во рамките на редовната програма за комерцијално осигурување не ги покрива загубите предизвикани од прекинот на системот, рече Маркос Алварез, шеф на осигурување во агенцијата за рејтинг DBRS Morningstar.
Веројатно не ги покрива ни полисата за сајбер осигурување, кои компаниите ги купуваат посебно.
„Некои полиси за сајбер осигурување ги исклучуваат инцидентите кои не се резултат на компјутерски напад со намера да се предизвика штета“ објаснува Ник Пери од компанијата СајберВрите.
Во такви случаи економската штета може да се мери со десетици милијарди долари, нагласи Пери, напоменувајќи дека крахот од минатата недела може да предизвика катастрофа за осигурителните компании.
Инцидентот исто така може да биде и причина за судски постапки против CrowdStrike и Мајкрософт.
Осигурителните компании велат дека крахот на системите минатата недела не може да се препише на „виша сила“. Таквата клаузула ја елиминира одговорноста на компаниите за непредвидливи и неизбежни катастрофи кои би ги спречиле за исполнување на договорните обврски.