Британија ќе испрати стотици дронови за напад со голем дострел во Украина

Велика Британија ќе испрати стотици нови дронови за напад со голем дострел од над 200 километри во Украина, соопшти владата денеска откако претседателот Володимир Зеленски пристигна во Лондон на разговори со премиерот Риши Сунак.

Покрај дроновите, Велика Британија ќе испрати и стотици ракети за противвоздушна одбрана.

Сите тие ќе бидат испорачани во текот на следните месеци, додека Украина се подготвува да го засили својот отпор кон тековната руска инвазија, вели Лондон.

Од друга страна, Велика Британија не планира да испрати борбени авиони во Украина изјави денеска портпаролот на премиерот Риши Сунак, паралелно со посетата на Зеленски, во однос на барањата на Киев да добие борбени авиони „Ф-16“.

„Нема планови за такво нешто“, рече портпаролот на Сунак.

Зеленски, пак, за време на својата турнеја низ најмоќните западни држави, лобира и за формирање на „авионска коалиција“ од земји кои би ѝ испратиле борбени авиони на Украина. По разговорот со Сунак, тој рече дека е оптимист  за „претстојните многу важни одлуки“.

Прочитајте и:  Бајден одобри противпешадиски мини за Украина со цел да се запре рускиот пробив

„Сакаме да создадеме ‘коалиција за авиони’ и јас сум многу оптимист за тоа. Разговаравме за тоа и мислам дека тоа ќе се случи многу скоро. Ќе бидете информирани за одлуките, кои ги сметам за многу важни“, им рече Зеленски на новинарите.

Минатата недела Лондон објави и дека ќе испрати крстосувачки ракети „Storm Shadow“ во Украина, со што ќе стане првата земја што ја снабдува со оружје со вака долг дострел.

Велика Британија е меѓу главните земји што му помагаат на Киев. Во 2022 година на Киев му испрати воена помош во вредност од 2.65 милијарди евра, а владата најави дека ќе продолжи да помага на тоа ниво и годинава, што е втора најголема помош за земјата, по онаа на САД.

Извор: МИА

- Реклама -