Британија повлече илјадници документи од јавната нуклеарна архива, без никакво објаснување

„Печурка“ од нуклеарниот тест на британска хидрогенска бомба на австралискиот Божиќен остров, некаде во 1950-тите.

Илјадници архивски документи кои се однесуваат на нуклеарните оружја и атомските енергетски програми на Велика Британија, се повлечени од очите на јавноста во текот на минатата недела, без никакво објаснување.

Од Националните архиви „исчезнаа“ голем дел од материјалите од периодот од 1939 до 1980-тите, вклучително и повеќе од 1.700 фајлови и документи за создавањето на првата британска атомска бомба. Документите варираат по својата содржина – од приватните извештаи на Сер Џон Кокрофт (нобеловецот кој го подели атомското јадро), па до извештаи за британските нуклеарни тестови во Австралија и Пацификот.

Овие документи имаат големо цивилно значење и за денешната програма за нуклеарна енергија на Велика Британија. Академиците, особено оние кои работат на истражувања базирани на овие документи, се зачудени од ваквиот потег. „Ова е премногу мистериозно… Би сакале да знаеме што се случува“, коментираат дел од нив.

Се разбира, ваквото мистериозно повлекување алудира дека меѓу документите било објавено и нешто што јавноста не требала да го види, како британската, така и светската.

Од британската NDA (Nuclear Decommissioning Authority) – која има најголема надлежност врз нуклеарните архиви, велат дека сé уште не можат да објаснат зошто документите се повлечени, но тврдат дека „NDA е целосно посветена на транспарентност и отвореност“…

via The Guardian

 

- Реклама -