Британската полиција ќе користи вештачка интелигенција за да означува „идни криминалци“

Minority Report (2002) со Том Круз сте го гледале? Во филмот, каде дејството се одвива во блиска иднина, постои специјална полициска единица што може да апси „убијци“ уште пред да ги извршат криминалните дејства. Во филмот Том Круз е дел од таа единица и е обвинет за идно убиство, но тоа е друга тема…

Нешто во таа насока се случува во британската полиција во моментов. Таа има намера да ги спречува идните насилни злочини, а тоа планира да го направи со користење на вештачка интелигенција (AI), јавува New Scientist.

Системот – наречен National Data Analytics Solution (NDAS), користи комбинација од вештачка интелигенција и статистика за да се обиде и да го процени ризикот од тоа некој да изврши или да стане жртва на насилство извршено со пиштол или нож, како и некој да стане жртва на модерно ропство.

Проектот го предводи полицијата од Вест Мидленд, која има рок до март 2019 да направи прототип. Уште осум други полициски сили, вклучувајќи ги и лондонската и манчестерската, учествуваат во проектот. Впрочем, системот NDAS се дизајнира така што да може да го користи секој полициски оддел во Велика Британија.

Во последниве години средствата со кои располагаат британските полициски служби се драстично намалени, па тоа ја форсира потребата за систем кој има увид во сите индивидуи веќе познати на полицијата, со цел да ги приоретизира тие кај кои е потребно интервенција во најскоро можно време, објаснува Ијан Донели, кој го предводи проектот.

ПРЕВЕНТИВНО СОВЕТУВАЊЕ

Што точно ќе се случува кога ќе бидат идентификувани такви индивидуи, сé уште е тема на дискусија, но намерата не е превентивно апсење (ќе видиме до кога), туку да се обезбеди поддршка во форма на советување со локални здравствени и социјални работници. На пример, може да му се понуди советување на било кое лице со историја на ментални проблеми кое ќе биде означено од системот NDAS како потенцијален извршител на насилен криминал. И потенцијалните жртви би можеле да бидат контактирани од социјалните служби.

Ова е прв ваков систем во светот, кој влече повеќе датотеки на податоци од повеќе полициски полициски сили, со цел предвидување на криминал. Во раните фази на проектот, тимот собрал повеќе од 1 терабајт податоци од локалната и државната полициска датабаза, вклучително и досиеја на луѓето што биле запирани и претресувани, покрај извршените криминали. Од податоците биле идентификувани околу 5 милиони лица.

Анализирајќи ги податоците, софтверот нашол околу 1400 индикатори што би можеле да помогнат да предвидат криминал, а 30 од нив се покажале особено моќни. Меѓу овие се бројот на криминали што лицето ги има извршено со помош на други, и бројот на криминали извршени од луѓето во општествената група на дадената индивидуа.

Компонентата на NDAS за машинско учење (т.е. вештачката интелигенција) ќе ги користи овие индикатори за да предвиди кои индивидуи познати на полицијата можеби повторно се на патот на насилството слично како во минатите случаи, но кај кои сé уште не ескалирала активноста. На таквите луѓе ќе им биде доделен скор на ризичност со кој ќе бидат индицирани изгледите за иден прекршок.

Прочитајте и:  Велика Британија одбива да коментира дали Украина користела „Сторм Шедоу“ проектили против цели во Русија
ЌЕ РАБОТИ ЛИ?

Системот веќе ги доби првите критики. Во извештајот во кој тим од институтот „Алан Туринг“ го оценувал предлогот за NDAS (ќе биде објавен неделава, но New Scientist веќе имал увид), експертите наведуваат дека системот содржи „сериозни етички проблеми“. Тие ја преиспитуваат и самата општествена корист од тоа да превентивно да се интервенира при криминали кои сé уште не се извршени и можеби никогаш нема да бидат извршени. Иако, велат, предлогот во основа е добронамерен, системот не успева да ги препознае важните прашања во целост, а таквата непрецизност е причина за загриженост.

Од една страна, со користење на алатки кои предвидуваат идни криминали врз основа на тие извршени во минатото, полицијата веројатно ризикува да биде уште пофокусирана во областите кои веќе се познати по криминали, а тоа може дополнително да ги засили стереотипните гледишта меѓу полицајците – таквиот систем непропорционално би ги таргетирал етничките заедници и жителите на посиромашните области. Поопштиот, поголемиот ризик со ваквите системи е валидноста на самите предвидувања за „означените“ идни криминали, т.е. се поставува прашањето дали тие навистина би се оствариле кога полицијата или останатите служби не би интервенирале. „Тоа е нешто што е многу тешко да се измери. Како да знам дека тоа е вистинската одлука?“ прашува Сандра Вахтер од Оксфордскиот Интернет Институт.

ПОДЕМОТ НА ПРЕДВИДУВАЧКОТО „ПОЛИЦИРАЊЕ“

Ширум светот, полицијата сé повеќе користи дата за да предвиди криминали. PredPol е систем развиен од универзитетот Санта Клара во Калифорнија, кој се обидува да ги идентификува жариштата на идните криминали, на пример. Системот се користи и во САД и во Велика Британија. Полицијата на Лос Анџелес има систем кој доделува скор на ризичност базиран на особини како на пример дали лицето има претходни осуди за криминали и дали е член на банда. Полициските патроли се прилагодени така што да ги следат со будно око оние „најризичните“ луѓе.

Холандија користи друга софтверска алатка, која ги анализира податоците за криминали како и општествените податоци во специфични области – на пример, возраста на луѓето, нивните приходи и дали примаат некаква социјална помош или бенефити. Ова се користи за да се предвиди каде во градот се поверојатни специфични типови криминал.

Сепак, овие делуваат како многу поблаги и побезопасни варијанти на предложениот NDAS, кој на прва звучи поблизок до тоа што се случува во Кина. Порано годинава, Human Rights Watch ги критикуваше властите во земјата поради наводно користење на предвидувачки технологии за превентивно апсење на луѓето во провинцијата Ксингџијанг.

 

- Реклама -