БРУКА: Два месеца е директор на Државен архив, а уште на работа оди со точак

Човеков се вика Емил Крстески, доаѓа од редовите на ДОМ (Демократска Обнова на Македонија) и веќе два месеца е директор на Државниот архив. И пазете сега ова: При службен автомобил и возач, што му следуваат со функцијата, типов на работа, уште од прв ден, оди со точак, како најголемо сељачиште…

А со средствата предвидени во буџетот за идната година за набавка на службен автомобил за директорот, некаде околу 30.000 евра, знаете што направил? Ги пренаменил за дигитализација и компјутеризација на Архивот, бидејќи, како што вели, тоа било приоритет за институцијата која претставува еден од главните столбови на нашата историја…

Ееееј, дигитализација ќе правел, а ваму нѐ срами на точак по цел град и пошироко! Му препорачуваме на човеков под итно да престане да ги брука македонските директори и да научи како соодветно да се однесува (еве, му го препорачуваме Мерко, на пример). Во спротивно, ене му ја вратата, па нека си оди во Европа, каде што му е местото!

Туку, шегата и иронијата на страна, во неодамнешното интервју за „Независен“, Крстески ќе рече:

„Го сакам чисто и зелено Скопје. Ги почитувам зелените политики и сакам да придонесам за намалување на сообраќајниот хаос во главниот град и за намалување на загадувањето на воздухот. Играм трипати неделно тенис и возам велосипед. Тоа е добро за здравјето и за одржување здрава животна средина. Се надевам дека сум добар пример на функционер без комплекси и предрасуди и ме радува што наутро кога одам на работа гледам сѐ повеќе млади функционери и службеници кои возат велосипеди и тротинети“.

Ако уште не ви се верува дека и ние имаме европски директор, прочитајте го целото интервју ТУКА, а погледнете го и денешниот прилог на „Канал 5“. Ќе видите новинарка со чадор, наоколу сѐ наврнато, а Крстески пак со точак дојден на работа.

 

- Реклама -