„На Македонците им е јасна блискоста меѓу нашите народи, но до зближување нема да дојде ако едната страна постојано кука, а другата се држи надмено. Софија и Скопје се како двајца браќа кои низ годините живееле во различни услови. Едниот постигнал повеќе, другиот помалку. Тоа, сепак, не треба да значи дека поуспешниот и со поубав, европски изглед на својот дом, кога ќе отиде во куќата на својот помал брат, ќе почне да му забележува дека не ја наместил добро постелнината или дека прозорецот не му е добро затворен“, порачува долгогодишниот дописник на Бугарското национално радио (БНР) од Москва и од Белград – Николај Крстев, во гостување во емисијата „На острицата“, пренесува „360 степени“.
Според него, Бугарија, иако е во право, има погрешен пристап во спорот, односно наместо прагматично, настапува водена од емоции. Како посилна од страните, таа треба да покаже великодушност и големина, но и да прифати дека не може никому да му објасни дека на запад од неа живеат Бугари. Затоа, треба да води реал-политика, вели Крстев.
Тој смета дека треба во пракса да се работи на зближуваање на двата народа. Како пример, предлага создавање на заеднички медиуми со новинари од регионот, мрежа што би наликувала на CNN и која би известувала со цел, меѓу другото, Бугарите да знаат што се случува кај нас, и обратно.
За него, нејасно е зошто воопшто постои спор кога, како што тој самиот тврди, „никој во Скопје, па ни обичните луѓе, не се противат“ на тоа што во Договорот за добрососедство пишува дека нема македонско малцинство во Бугарија и дека имаме заедничка историја, а згора на тоа, според него, во македонското општество веќе течат и „процеси за утврдување на историската вистина, која повеќе од 100 години била искривувана“. Повеќе ТУКА.
Интервјуто со Крстев е уште еден од низата јавни настапи кои покажуваат дека во Бугарија, дури и голем дел од оние малкумина што не се согласуваат со официјалната политика кон Македонија, имаат замерка околу пристапот, а не самата суштина и исправноста на бугарските позиции.