Бугарија побарала Македонија да потпише анекс за јазикот и идентитот, но и за „рехабилитација на репресираните“

Бугарија побарала од Македонија да потпише анекс или протокол со кој Софија ќе добие гаранции дека Скопје ќе го почитува Договорот за добрососедство потпишан во 2017 година и нема да се обиде да го заобиколи. Во документот се опфатени повеќе теми, како јазикот, идентитетот и историјата, но и рехабилитација на репресираните, изјави за бугарската ТВ „Нова“ вицепремиерот и министер за одбрана на Бугарија – Красимир Каракачанов, пренесува „Дневник.бг“.

Порталот потсетува дека вчера Каракачанов учествуваше во разговорите со македонската владина делегација што пристигна во Софија на самитот за Берлинскиот процес. Иако агендата на самитот не беше поврзана со прашањата од спорот со Бугарија, Каракачанов во изјава за медиумите откри дека разговорите на овие теми започнале во 10 часот утрото и траеле безмалку до 17 часот.

Како што изјави тој вчера на откривањето на споменик на Гоце Делчев во бугарскиот град Самоков, може да стане збор за ново ниво на односите меѓу Скопје и Софија, откако вчера двете страни имале долг, директен и отворен и мошне пријателски разговор. Според Каракачанов, тоа се должи на тоа што македонската страна сфатила дека Бугарија не тера инат и не блефира, туку води принципиелна политика, како  и дека е суверена држава со национално достоинство и не подлегнува на притисоци од било кои европски или светски престолнини. Повеќе за изјавата на Каракачанов – ТУКА.

- Реклама -