Бугарија се согласи на употреба на скратеното име „Северна Македонија“

Бугарија прифаќа да го користи скратеното име „Северна Македонија“ подеднакво како и долгото име „Република Северна Македонија“ и нема да ја кочи употребата на тоа име во меѓународни процеси, за што ги известила и Обединетите нации. Земјава, пак, со вербална нота до ОН потврди дека користењето на краткото име нема никаква импликација врз територијалниот интегритет на Бугарија.

Ова го соопштија на денешната заедничка прес-конференција во Скопје, македонскиот премиер Димитар Ковачевски и неговиот бугарски колега Кирил Петков.

„Отстранувањето на прашањето за краткото име Северна Македонија од масата на разговори преку ваков усогласен и пријателски однос со двете страни за мене претставува прв голем чекор во ова наше ново поглавје. Ваквите чекори влеваат оптимизам за иднината. Ваквите чекори водат кон посилно поврзување и кон поголема соработка помеѓу двете држави и помеѓу двата народи“, порача Ковачевски.

Тој истакна дека со Петков си дале збор да ја искористат новата енергија и преку нов пристап базиран на заемна почит да ги унапредуваат односите помеѓу двете земји.

„И јас и тој имаме иста заедничка цел – да создадеме услови за подобра иднина на граѓаните на Република Северна Македонија и Бугарија. Оваа денешна посета на колегата Петков коинцидира со 30-годишнината од признавањето на Република Бугарија на нашата земја под уставното име. Бугарија е прва која нѐ призна и направи пријателски чин во исклучително сложени политички услови. Триесет години подоцна отвораме еден нов прозорец на соработка кој веруваме дека ќе резултира со нов пријателски и добрососедски чин, поддршка за нашата евроинтеграција“, рече Ковачевски.

Ковачевски истакна и дека Северна Македонија и Бугарија се две блиски соседни држави, а Македонците и Бугарите се два блиски и пријателски народи, додавајќи дека затоа денеска тие, како двајца премиери на две многу блиски држави, се согласиле на интензивна динамика на решавање на отворените прашања со цел побрзо обезбедување на нова иднина.

Следно што треба да се направи, најави Ковачевки, е да се финализира договорот за прекугранична соработка за периодот 2022-2029 година. Како најзначаен проект од оваа област го посочи отворањето на граничниот премин Клепало,  со што, како што рече, ќе се олеснат движењата, транспортот и трговијата.

Прочитајте и:  Мицкоски: Нашите аргументи му се предочени на Радев, очекувам добрососедство и до крајот на годинава да го продолжиме нашиот процес

Ковачевски најави и дека за една недела на 25 јануари ќе биде одржана седница на двете влади на која ќе бидат договорени и други конкретни чекори за унапредување на соработката во различни области и сектори.

„Ќе се формираат работни групи коишто ќе работат на конкретни проекти на зајакнување на соработката и на воспоставување на поголема доверба и на градење на односи коишто ќе значат попросперитетна иднина. Овие групи ќе работат заедно и ќе предложат заеднички проекти и активности“, прецизираше премиерот.

Петков, од своја страна, изјави дека денеска со Ковачевски имале добар и пријателски разговор и оти се согласни добрососедството на двете земји да се качи на уште повисоко ниво.

„Многу сум среќен што можам да кажам дека оттука натаму добрососедството ќе се мери со реални постигнати цели и резултати. Јас многу се радувам за напредокот што беше постигнат денеска и што можам мирно да кажам ‘Северна Македонија’ “, рече Петков.

Тој најави дека за два месеци реалност ќе биде и авиолинијата Скопје-Софија, како уште еден чекор напред во унапредување на соработката.

„Денеска јасно изјавуваме дека линијата Софија – Скопје ќе биде реалност. За она за што се ангажираме е дека за 30 дена ќе имаме точни специфики, а за 60 дена таа линија ќе биде воведена во функција. Така што, кога ќе почнеме да работиме со точни резултати и кога ќе даваме можност на народите од двете земји да можат слободно да патуваат, слободно да прават бизнис“, рече Петков.

Тој нагласи дека со неговиот колега Ковачевски се согласни и натаму да продолжи брзината со која се движат работите со цел постојано унапредување на односите и добрососедството.

Дека тоа така ќе продолжи, потенцира Петков, говори и фактот што наскоро, веќе на 25 јануари, ќе се одржи и седница на двете влади, а најави дека потоа секоја седмица една од групите ќе се состанува со јасни цели и јасни резултати. На тој начин, вели Петков, ќе им покажеме на двата народа од двете земји дека добрососедството се мери практично, а не само на ниво на политички изјави.

Извор: МИА

- Реклама -