Бугарите бараат од Пендаровски да бидат спомнати во Уставот: „Ние сме државотворен народ, а не малцинство, ѝ ги дадовме на Македонија преродбениците и илинденците“

По писмото до бугарскиот претседател Румен Радев, кое го „примора“ да свика состанок со безбедносните служби, сега македонските Бугари од Културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола, испратија писмо и до македонскиот претседател Стево Пендаровски. Во писмото, во кое се очигледни низа провокации, тие бараат „Бугарите“ во Македонија да бидат спомнати во Уставот – идеја што прв, наводно на ничие барање, ја спомена Бујар Османи.

„Господине Пендаровски, како председател на Македонија имате долг кон сите граѓани на оваа земја, вклучително и кон македонските Бугари, кои ја зачуваа својата националност и покрај децениските репресии и притисоци. Денес, властите се фалат со еден извештај од невладина организација, уверувајќи го светот дека нашата татковина станала демократија. Ние не разбравме кога и како се случи тоа со оглед на зачуваната државна идеологија на југо-македонизмот. Затоа, би сакале да ви поставиме две прашања како на претседател на сите граѓани:

1. Зошто, со 110.000 Македонци кои лично и слободно се изјасниле како Бугари преку барањето за бугарско државјанство, ние не сме спомнати во Уставот на нашата ‘демократска’ татковина? Благодарни сме му на Министерот за надворешни работи, г-динот Османи, што го даде овој предлог, но тој беше одбиен, вклучително и од Вас. Неприфатлив е аргументот дека предлогот е одбиен со образложение дека Бугарија не го побарала тоа, т.е. немате за што да го разгледувате. Нашите права не можат да се прокоцкаат како на покер“, се вели во писмото.

Од КЦ „Иван Михајлов“ порачуваат и дека Бугарите во Македонија не биле малцинство, туку државотворен народ и оттаму заслужуваат да бидат посебно наведени во Уставот.

„Господине Претседател, не очекуваме Бугарија да побара од Вас да бидеме вклучени во Уставот. Таа нема да го стори тоа. На ова не инсистира Бугариjа, инсистираме ние!!! Ние, македонските Бугари ѝ ги дадовме на Македонија преродбениците. Ние ѝ jа дадовме Егзархијата. Ние ѝ ги дадовме великаните на македонската борба од Илинден. Ѝ ги дадовме Дамјан Груев, Гоце Делчев, Христо Татарчев, Тодор Александров, Ванчо Михаилов. Ние не сме малцинство и нема да бидеме малцинство, туку државотворен народ, автентични македонци со бугарски корен! Си го сакаме нашето место во Уставот, и ќе го добиеме“, велат во писмото.

Прочитајте и:  Николоски: Ако сработиме добро со Франција, дипломатски тешкаш за едно попладне во Софија би го решил проблемот

Тие бараат и да се отворат архивите на УДБА и да се обелоденат „југословенските окупациски документи“.

„2. Господине Претседател, би сакале да ве прашаме кога ќе ги отворите архивите на УДБА во Македонија и кога ќе посакате да бидат отворени југословенските окупациски документи поврзани со репресиите и тортурите врз македонските Бугари од крвавиот Божиќ 1945 година па наваму? Ние инсистираме да видиме кои се џелатите на нашиот народ во Македонија. Без правда нема прошка!!! Сакаме да ги видиме имињата на убијците на
Бугарите од масовните гробници во Велес, Делчево, Штип, Куманово… во секој македонски град. Каде е вистината за македонскиот Гулаг, кој има толку страшни имиња за нас Бугарите – Голи Оток, Добој, Идризово?

Од вашиот одговор на овие две прашања ќе разбереме колку имате храброст и колку искрено работите за европска иднина на нашата Татковина. Господине претседател, немаjте илузии – само Вистината е суверена. Југо-македонистичката лага нема да ја направи Македонија слободна!“, се вели во писмото.

Писмото, на ничие изненадување, го пренесоа и бугарските медиуми, почнувајќи од БГНЕС.

- Реклама -