Бугарската ВМРО во одбрана на „народот во Македонија“ од македонските политичари

Фото: Заев и Борисов на откривањето на споменикот на бугарскиот полковник Константин Каварналиев, 2019 година ( Ѓорѓи Личовски/EPA/EFE )

Со збрканата политика македонските политичари му штетат на народот во Северна Македонија, а не на Бугарите или ЕУ. Зделките по ова прашање се недозволиви, порачуваат од бугарската ВМРО-БНД на Красимир Каракачанов во партиската декларација претставена денеска во прес-центарот на партијата, по повод „непрестанливиот говор на омразата, вешто поттикнуван од политичките кругови во Скопје“.

Еве што друго се вели во декларацијата:

„Скопската страна на мешовитата комисија за историски прашања уште еднаш отворено ја саботира работата на комисијата. Покрај тоа, скопјаните се повлекоа од веќе постигнатите договорени точки и повторно фатија да оспоруваат чиј цар бил Самуил. ВМРО уште одамна предупреди дека Скопје не сака да го финализира дури ниту тоа малку околу кое е постигната согласност.

Тоа се случува паралелно со сериозната ескалација на говорот на омразата во Република Северна Македонија. Само во последните недели низа провокации се случија на социјалните мрежи, беше запалено бугарско знаме, беа изнесени отворени навреди кон министерката за надворешни работи, во Скопје се јави хистеричен тон, а и националистички настроените кругови во Србија не задоцнија да се приклучат.

Официјалната власт во Скопје тврди дека презема мерки, но тоа е второстепено прашање. Првостепеното е друго: бугарското вето послужи како непогрешлив лакмус за реалната состојба на општеството во Македонија. Ветото ги извади на виделина сите грди слоеви на југопропагандата, насадувана со децении. Не, таа пропаганда не може и не бива да биде легитимирана  во Европската унија. Таа нема место во ЕУ.

Добрата работа е што во меѓувреме Заев кажа неколку вистинити нешта. Бучковски – уште повеќе. И заслужуваат охрабрување. Но, додека политичкиот врв во Скопје едната рака ја подава за ракување, другата ја стиска во скриена тупаница.

Затоа и е време да кажеме: Не може така, браќа! Саботирајќи го дијалогот со Бугарија, вие само ги саботирате уште повеќе шансите на Скопје еден ден да стане дел од Европската унија. Со тоа нема да наштетите на Бугарија или на ЕУ, ќе наштетите на народот на Македонија. Народ кој не е виновен за ништо!

Едни од најактивните против бугарската позиција се покажаа токму носталгичните и русофилски кругови – и од двете страни на границата – мали сталинистички настроени партиички застанаа против позицијата заштитувана од бугарските патриоти. Тоа јасно покажува колку е глупав контрааргументот дека со тврдата позиција Бугарија заштитувала некакви руски интереси. Папагалските адвокати на европските вредности подобро е да размислат има ли Европа полза од земја како Северна Македонија во своите редови. И исто така добро ќе биде да се замислат кои се вистинските европски вредности.

Заев сега вели дека требало да минат изборите во Софија. И греши. Зашто бугарските политичари се обединети во позицијата. Кој и да победи на изборите, ќе поддржува една иста линија: одбрана на историската вистина и историска правда.

Малцинството соросоидни говорници кои филозофираат за Македонија кај нас, не се ништо друго освен екстремна секта која е далеку од едногласното бугарско општество и уште подалеку од вистината.

А ако некој во Бугарија подлегне под надворешен притисок, самиот народ ќе го презира. Зашто бугарите секогаш ги поддржувале и ќе ги поддржуваат своите браќа во Македонија по нивниот пат кон Европската унија и по патот на уште потесната интеграција во НАТО. Но, таа поддршка не е безусловна.

Затоа, единствениот пат пред Скопје денес е патот на трезвеноста, а не на лукавоста. Со лукавство ништо нема да се постигне. ЕУ не е место за лукавство. Додека има лукавство, ќе има и вето.

А ние од ВМРО сме категорични дека нема да дозволиме отстсапување од тврдата позиција на Бугарија. Зделки по тоа прашање се недозволиви!“, порачуваат од партијата на Каракачанов, пренесува „24 часа“.

 

- Реклама -