„Ќе ве потсетам на зборовите на претседателот на Република Бугарија од утрово. Крајно време е да се фокусираме на содржината, на суштината на таа многу позитивна посета, а не на формата. Протоколот од бугарска страна беше испочитуван до последната точка“, изјави амбасадорот Жељазко Радуков во изјава за ТВ Сител по излегувањето на зградата на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија
Амбасадорот на Бугарија во земјава Жељазко Радуков, кој денеска попладне беше повикан во македонското Министерството за надворешни работи и надворешна трговија одбил да ја прими протесната нота поради дипломатскиот пропуст со неистакнувањето на македонското државно знаме на средбата на претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова со нејзиниот бугарски колега Румен Радев во Софија.
Дека амбасадорот ја одбил протестната нота потврдиле за МИА од Министерството за надворешни работи надворешна трговија. Оттаму рекле дека тој со нејзината содржина бил запознаен усно од страна на директорот на директоратот за регионални иницијативи кој го водел разговорот со бугарскиот дипломат.
Радуков во изјава за ТВ Сител, по излегувањето на зградата на Министерството, изјави дека не му била врачена протестна нота при денешната средба со директорот на директоратот во МНР.
„Ја гледате? Не!“,
изјави бугарскиот амбасадор.
Прашан дали во конкретниот случај станува збор за провокација од бугарска страна, амбасадорот вели дека не се работи за такво нешто и дека средбата на двајцата претседатели била неформална, а протоколот бил испочитуван до последната точка.
„Во никој случај. Ќе ве потсетам на зборовите на претседателот на Република Бугарија од утрово. Крајно време е да се фокусираме на содржината, на суштината на таа многу позитивна посета, а не на формата. Протоколот од бугарска страна беше испочитуван до последната точка“,
вели Радуков.
Од МНР за Сител рекле дека одбивањето на протестната нота преставува тежок дипломатски гаф и дека таа на амбасадорот ќе му биде испратена по дипломатски пат.
Претходно од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија преку соопштение информираа дека во Министерството денеска бил повикан амбасадорот Радуков, каде била изразена загриженост поради отстапувањето од договорениот протокол за фотографирањето на двајцата претседатели, при што дополнително е побарано објаснување од бугарската страна.
„Во разговорот со бугарскиот амбасадор беше потенцирано дека средбата и заедничкиот ручек на двајцата претседатели поминале во пријателска атмосфера. Дополнително, на амбасадорот Радуков му беше укажано дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија е непријатно изненадено од последната изјава на амбасадорот Ангел Димитров, претседавач на бугарскиот дел од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, дадена во емисијата ‘Офанзива со Љубомир Огњанов’ на Нова Вести. Изјавата во основа го нарушува начелото дека претседавачот на експертската комисија не треба да дава политички изјави за Владата на соседна држава, која е легитимно избрана. Сметаме дека оваа изјава е несоодветна и непримерна“,
се вели во соопштението од Министерството.
На Радуков, исто така, му било пренесено дека Република Северна Македонија и понатаму останува посветена на позитивен развој, унапредување и зајакнување на билатералните односи и соработката во сите области од заемен интерес за двете држави и нивните народи, за што била потврдена подготвеност и од другата страна.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во интервју за „360 степени“ емитувано вечерва на МРТ 1 вели дека биле свесни за тоа што се случи, но поради специфичноста на моментот, одлучиле да реагираат на таков начин како што се реагираше.
Муцунски ова го кажа одговорајќи на прашањето дали воопшто ќе имаше државна реакција за отсуството на македонското знаме при средбата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со бугарскиот претседател Румен Радев во Софија, ако не беа критиките во македонската јавност. Според Муцунски, отсуството на реакција веднаш по средбата се должи на авионската несреќа која се случи во Бугарија неколку часа претходно.
„Бидејќи гледаме дека има прозивки, единствен начин да реагирате за вакво нешто, кога гледате дека се случила институционална протколарна грешка од другата страна е начинот на којшто ние реагиравме денеска како МНР. Усна реакција на лице место не е формална рекација и дипломатскиот протокол многу строго ги регулира овие прашања“,
вели Муцунски.
На прашање што доколку Бугарија остане на објеснувањето дека не станува збор за ниту за официјална ниту за работна средба и дека поради тоа не се следел вообичаениот протокол, Муцунски вели дека во тој случај се навлегува во прашањето за билатералните односи.