Бугарскиот европратеник Ковачев со реакција до BBC: „Невидливото малцинство“ во Грција е бугарско, а не македонско

По грчката реакција до BBC за статијата за „невидливото“ македонско малцинство во Грција, сега реакција до уредникот и од бугарска страна. Европратеникот Андреј Ковачев испратил писмо до главниот уредник на BBC – Тони Хол, во кое го „поправа“ дека тоа во Грција не е македонско, туку бугарско малцинство.

„Почитуван г-н Хол,

Бев особено изненаден кога пред неколку дена ја прочитав статијата ‘Невидливото малцинство на Грција – македонските словени’, објавена на сајтот на BBC. Текстот се занимава со многу важна тема – историските малцинства во Северна Грција. Навистина, тоа прашање беше табу во текот на многу децении. Сепак, вашиот историски преглед на темата од балканските војни до денес има еден основен недостаток. Нема никакво сомнение во однос на етничката припадност на негрчките заедници кои ги населуваат денешните територии на Северна Грција, регионите Тракија и Македонија. Тие се етнички Бугари не само според светската научна заедница, туку и според грчките историски и архивски документи.

Во децениите по балканските војни, локалното население е подложено на тешка асимилација, делумно преку насилство, а делумно преку општествен и културен притисок. По Втората светска војна Титова Југославија имаше многу подобар пристап до потомците на Бугарите во тие региони, кои истите сè уште ги населуваат. Некои од нив успешно се инфилтрирани со идејата за македонски етнос“, пишува Ковачев.

Понатаму тој вели дека во писмото би сакал да се фокусира на „погрешните толкувања на историјата“ во статијата на BBC, препорачувајќи му на уредникот неколку „извори на темата“ (можете да ги видите ТУКА).

„Ја сметам BBC за еден од најсериозните медиуми во светски рамки. Затоа и се надевам дека внимателно ќе ја прегледате статијата и ќе ги корегирате неточностите.

Стојам на располагање ако сакате да разговараме за некои од покренатите прашања“, му пишува Ковачев.

- Реклама -