„Бугарија отсекогаш настојувала да ги зајакне и продлабочи пријателството и добрососедските односи со Северна Македонија. Бугарија вложи многу труд за да ја реализира оваа цел во последните години“, се вели денеска во официјалниот став на бугарското Министерство за надворешни работи по повод неодамнешните изјави поврзани со земјава.
„Во врска со тоа, Министерството за надворешни работи одново подвлекува дека секакви јавни искази кои ја навредуваат или провоцираат другата страна, се апсолутно неприфатливи. Тие не ја претставуваат официјалната позиција на бугарската држава, а обидите да се претстават како такви се некоректни и знак за злонамерност“, порачуваат од министерството.
Сепак, Софија не пропушта да наведе дека и таа била провоцирана, алудирајќи, меѓу другото, и на случувањата со бугарските здруженија во земјава. И покрај тоа, велат од бугарското МНР, навредливиот говор и провокациите се неприфатливи и непродуктивни, а не се ниту во интерес на Бугарите во земјава, чиј стремеж, велат, е праведен и легитимен.
„Независно од мноштвото провокации против Бугарија и особено против Бугарите во Северна Македонија во последните месеци, го сметаме таквиот говор за недопустлив и исклучително контрапродуктивен. Таквите изјави не се во интерес на Бугарите во Северна Македонија. Тие го одвлекуваат вниманието на јавноста од праведниот и легитимен стремеж на бугарската заедница за еднакви граѓански права, особено за слободно здружување и негување на нивното културно и историско наследство“, се вели во соопштението.
Истовремено, повикувајќи се на духот на Договорот за пријателство меѓу двете земји, бугарското МНР ги повикува политичарите и јавните личности „од двете страни на границата“ да ги насочат своите напори и пораки кон помагање на процесот на воспоставување на доверба и зацврстување на добрососедските односи.