Единствената гаранција за успех е испонувањето на воспоставените критериуми и услови, се вели во соопштението од бугарското Министерство за надворешни работи
Скопје го декларира како свој основен надворешнополитички приоритет присоединувањето кон европското семејство на вредности и правила. Тоа подразбира стриктно придржување кон добро познатите преземени ангажмани. Вака бугарското Министерство за надворешни работи реагира во денешното соопштение, а за кое велат дека доаѓа по континуираните изјави од претставници на Република Северна Македонија, кои го ставаат под сомнение принципот pacta sunt servanda.
„Процесот на европска интеграција се заснова на сопствените заслуги и не допушта посредување меѓу ЕУ и земја-кандидат. Единствената гаранција за успех е испонувањето на воспоставените критериуми и услови“,
се додава во соопштението кое го пренесува Бугарската информативна агенција (БТА).
БТА ја цитира изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дадена во телевизиско гостување, каде што наведува дека унгарскиот премиер Виктор Орбан понудил да биде домаќин на средба меѓу Бугарија и Северна Македонија „за да се види дали може да се приближат позициите“, за да може Скопје да започне преговори со ЕУ.
„Арбитер нека биде Европската Унија, претседавачот на ЕУ не поканува во Будимпешта да ги решиме сите прашања однапред, а не етапно, за да нема повеќе пречки и да нема билатеризација на овој процес. Ајде да започнеме веднаш. Не сум во оваа приказна само за да учествувам, туку успешно да завршам. Ова е суштината на целиот овој процес. Поентата е да не се менува уставот до следната пречка за шест месеци. Ова не е процес кој ќе започне сега и ќе заврши следната недела. Мораме да ги решиме проблемите сега“,
вели Мицкоски во изјавата што ја пренесува и БТА.
Според него, како што пренесува БТА, преговарачката рамка, во која вклучувањето на Бугарите во Уставот е услов за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, не е договор, а Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија не наведува дека уставот мора да се менува.
Мицкоски во интервјуто рече дека не му паѓа на памет да дава гаранција за нешто што не е сигурен дека ќе го испорача, оценувајќи дека поранешниот државен врв не ги испорачал ветувањата за усвојувањето на уставните измени, како што ветувал пред челниците на Европската Унија (ЕУ).
Минатата недела постојаните претставници во ЕУ одлучија да ја одвојат Албанија од Северна Македонија на патот кон пристапување во ЕУ, а првиот кластер на преговори официјално ќе биде отворен на 15 октомври.
Европската комисија најави дека очекува што поскоро отворање на преговорите за проширување со Албанија, како и со Северна Македонија, откако ќе се исполнат барањата одобрени од Советот на ЕУ.
„Нашата позиција е многу јасна. ЕК се радува на отворањето на првите кластери со Албанија што е можно побрзо, а и со Северна Македонија веднаш штом ги исполни критеримумите одредени од Советот“,
рече тогаш Ана Писонеро, портпаролка на Европската комисија.
Претходно при посетата на македонската претседателка на Софија која присуствуваше на изведбата на „Набуко“ од страна на Македонската опера и балет, на средбата со нејзиниот бугарски колега не беше истакнато македонскот знаме. Тоа наиде на остри реакци од македонската влада.