Советничката Катерина Цаневска на состанокот на Советот на Град Скопје ја отвори дискусијата за Универзалната сала. Како што истакна, Скопје делува како да се наоѓа во сферата на научната фантастика – можеби немаме изградена зграда, но се занимаваме со избор на директор.
„Најновиот момент во оваа комедија на апсурдот е разјаснувањето на ситуацијата околу поништениот конкурс за директор на Универзалната сала. Во јавноста се изнесоа различни информации околу причините за поништувањето. Според некои, конкурсот бил поништен бидејќи имало само еден кандидат со недостаточна документација. Сепак, се појавија и јавни реакции кои создаваат сомневања во ваквото објаснување и ја доведуваат во прашање транспарентноста на целокупната постапка.
Моето прашање, како советник, е следното: Какви конкретни обврски и надлежности треба да извршува директорот на Универзалната сала во време кога објектот сè уште не е завршен и не функционира во својата основна улога? Колку средства се издвојуваат годишно за работа на оваа институција во оваа состојба? Дали Градот Скопје размислуваше за можноста Универзалната сала привремено да биде ставена во мирување до завршувањето на реконструкцијата, а постојните вработени да бидат прераспределени во други институции според нивните квалификации и потребите на системот?
Дали ќе бидат објавени сите документи поврзани со поништениот конкурс за директор, со цел да се елиминираат сите сомнежи?“ – праша Цаневска.
Таа истакна дека културата не се создава преку конкурси, туку преку активни и функционирачки институции. „Универзалната сала не смее да стане симбол на административен апсурд, каде што градот избира директор пред да ја заврши самата сала,“ додаде советничката.




