„Ода на критиката“ – Девојките во долгите врски

Сите знаеме дека кога една љубов се раѓа и една врска започнува сè е розово. Тогаш сè е ново, забавно, ништо не ни е тешко… девојки така треба да биде цел живот! Еве ги најчестите грешки што ги правиме со нашите момци… ајде да бидеме брутално искрени и да поработиме малку на ова…

1. Се запуштаме

Сега кога веќе некое време сме заедно не мора толку да се „замарам“ со изгледот… нели ќе ме сака каква што сум? Многу погрешно девојки! Знам дека си помислувате: „Па јас немам доволно време нон-стоп да се грижам како изгледам, константно да бидам нашминкана, со средена фризура, да вежбам и да бидам секогаш свежо издепилирана… ако ме сака, ќе разбере. Ако ве сака, можеби и ќе разбере ама едноставно не е фер.

Девојката што тој ја запознал била со одредена тежина, со одреден изглед и со одредени хигиенски навики во кои тој се заљубил. Тоа што останал со вас треба да ве поттикне, а не да ве одврати од тоа да ги задржите овие навики… Знам дека со зголемувањето на обврските станува сè потешко да се најде време, меѓутоа јас не викам вие да се депилирате на една недела, секој ден да сте на фризер или цел живот да бидете во страв да не се здебелите… треба само да бидеме фер и да внимаваме на себе. Дозволете му да ја задржи девојката во која се заљубил.

2. Нема веќе изненадувања

Кога последен пат сте му ги врзале очите, сте го сместиле во автомобилот и сте го однеле на местото каде што прв пат се бакнавте? Кога последен пат ги изладивте криглите и го послуживте со пиво облечена во неговиот дрес додека игра неговиот омилен тим? После години и години стануваме посериозни, оптоварени со проблеми кои ни изгледаат поопасно и забораваме да приредуваме изненадувања, забораваме да „откачиме“ на моменти и да направиме нешто лудо и забавно, а иронијата е што очекуваме нашиот сакан никогаш да не престане да нè изненадува! Мислиме дека останатите секојдневни проблеми имаат поголеми последици но, зарем има посериозен проблем од нефункционална врска?

3. Го критикуваме и не му обрнуваме внимание

Баба ми порано велеше: Мажите се најсреќни кога мислат дека се најважни и кога стомакот им е полн. И да знаете дека има многу вистина во тоа (без навреда момци). Секогаш кога го критикувате ја покажувате својата „мајчинска“ страна што е убиствено и за неговата машкост и за вашата љубов. Оставете го некогаш да ги направи сопствените грешки, тој е сепак возрасен човек. Критикувајќи ги само ги оддалечуваме. Исто така, и момците сакаат внимание. И тие сакат ние да ги мазиме и чуваме, да ги гушнеме кога ќе се почувствуваат како светот да ги надвладеал… забораваме како беше отпрвин кога нашиот сакан по тешкиот ден доаѓаше да се потпре на нашите гради и да ни раскаже… да не дозволиме тоа да исчезне.

4. Ги казнуваме со тишина

Често се случува по некое несогласување, само да се завртиме и да заминеме во другата просторија, сè уште гневни, да замолчиме и тоа да трае со денови. Не се јавуваме, одиме низ дома како фурии, не зборуваме ништо и што е најважно од сè: не попуштаме први! Леле, момци извинете за ова, повеќето од случаите не е ни намерно.

Девојки, знам дека така ви доаѓа, ама не е во ред. Со кое право го замолчуваме разговорот, ја прекинуваме комуникацијата на неодредено време, го казнуваме партнерот со тишина и уште на крај очекуваме од него да го скрши мразот прв? Каков и да е проблемот и чија и да е вината… искрено, како тоа ќе помогне? Па подобро извикајте се како луѓе, кажете сè што имате и после имајте една партија одличен полу-гневен секс… нели веднаш звучи подбро?

5. Забораваме на слободното време

Ден за фудбал и пиво со фругарите, ден за во кафана, ден за играње игри на компјутер… па не може цело време да се залепени за нас! Оставете ги на раат. Но, исто така оставете се и себеси на раат. Ден за маникир, ден за женски муабети, ден за читање добра книга… Една од најчестите грешки во долгите врски е што партнерите се претопуваат еден во друг и комплетно ги запоставуваат своите потреби. Дајте му ја слободата… кога ќе дојде да ви каже:

„Еј, абе се договаравме со момците од маало да одиме во петок во кафана“, наместо да му кажете:

„Аман веќе со тие твои пијани другари и тие опсесии со кафаните, немој да мислиш дека јас не знам што се случува кога ќе се начукате!“, кажете му:

„Еј, баш убаво…убаво да си поминеш, да се начукаш за сите пари, ниеднаш да не ми се јавиш ама да ме мислиш од време на време! Таман јас ќе искористам за да ги викнам девојките да трачаме по малку“. И како да не се заљуби уште повеќе во вас после ваквата реакција?

6. Користење на сексот како оружје

„На почетокот не можевме да ги тргнеме рацете еден од друг… баравме места и прилики за да останеме сами… си одевме порано од свадби и слични прослави за да уживаме еден во друг… “

Зошто секогаш се зборува за ова во минато време??? Зошто не правите веќе така? Зошто се преморувате и не си оставате ни малку сила за да бидете интимни со вашиот сакан? И најважно, зошто по долгиот период заедно, почнувате да го третирате сексот како нешто што вие сте обврзани да му го дадете на партнерот, како нешто што ќе му го овозможите за да добиете нешто друго или пак како нешто што треба да се практикува само во посебни прилики?

Сексот е чин на љубов, на зближување… сексот е техника за олеснување на стрес, техника на подобрување на комуникација, едно од средствата за одржување на врската… сексот е пола врска! Секоја од вас која  мисли поинаку ќе увиди дека грешела порано или подоцна. Сексот не е алатка за уценување, ниту пак ако имате секс со вашиот партнер значи дека сте му направиле услуга или дека тој треба да ви биде благодарен!

За крај, би сакала да искрено да кажам дека ова не се напади на жените бидејќи и јас самата сум жена и грешам исто колку останатите. Ова се проблеми со кои и јас и сите што ги познавам се соочиле и ако бидеме искрени не сме во право. Не сме само ние криви меѓутоа време е да преземеме дел од одговорноста.

Не заборавајте како се бакнувавте, не заборавајте како водевте љубов, не го заборавајте мирисот на неговата кожа, не заборавајте колку ви е убаво кога ќе му го слушнете гласот… заборавете на доминацијата, заборавете на тактиките и стратегиите, заборавете на критиките и заборавете на изговорот „Немам време“… љубов е во прашање девојки… најдете време!!

- Реклама -