Во текот на својот живот и патувања, освен видовите, најславниот биолог на светот – Чарлс Дарвин го сортирал и месото од различните животни што ги откривал. Апетитот на Дарвин за егзотично месо особено пораснал во времето кога деновите ги поминувал на универзитетот Кембриџ, каде што се приклучил на таканаречениот Glutton Club.
Клубот, како и повеќето други, се собирал на неделна основа. За разлика од другите клубови, каде се дискутирале разни нешта, овој овде имал една задача – консумирање на „птиците и ѕверовите кои претходно му биле непознати на човечкото непце“.
За време на постоењето на клубот се јаделе главно птици – меѓу нив и сокол, птица слична на чапја, ама и кафен був. Бувот практично го уништил клубот, затоа што откако членовите го пробале неговото „неверојатно“ месо, веќе ништо друго не им се јадело. До толку бил „неопислив“, и не во позитивна смисла.
Иако членовите на Глутон Клубот веќе не биле толку ентузијасти, Дарвин развил посебна толеранција кон необичните избори на храна. Откако заминал на светска тура со неговиот прочуен HMS Beagle, Дарвин продолжил со неговите кулинарски авантури. Освен што ги проучувал, класифицирал и категоризирал ретките животни што ги наоѓал, си дозволувал и да им замези од месото, во име на науката нели.
Јадел пуми, игуани, армадила, како и желки од Галапагос. Ај што јадел месо од желки, ама им пробувал и од содржината на бешиката. Било „по малку горчливо“.
Не секогаш поминувало без инциденти. Во Аргентина неколку месеци се обидувал да фати реа (јужноамериканска верзија на ној). Откако успеал, неговиот тим – знаејќи дека Дарвин има желба да мезне од ретките животни, му ја приготвил птицата без да го информира. Кога Дарвин сфатил дека се работи за сè уште некласифицираната реа, почнал да паничи. Им наредил на сите да престанат да јадат, и ги собрал сите преостанати коски, пердуви, кожа и месо (што зготвено, што од остатоците) и ги испратил во Англија на безбедно чување.
Според неговите списи, омилениот оброк на Дарвин од неговите патувања било месото од 9-килограмски стаорец наречен Agouti. Според Дарвин, тоа било „најдоброто месо што некогаш го пробал“.
Иако делува контраинтуитивно, низ историјата има прилично голем број документирани случаи на научници кои ги јаделе истите тие животни што ги проучувале.
Извор: ATI