Денес во 20 часот во галеријата на Младинскиот културен центар ќе биде отварена изложбата “Чемерски: Низ цртеж, отпосле” на македонскиот уметник Глигор Чемерски.
Од почетокот на 1960-тите години, па се до неговото заминување речиси 60 години подоцна, во сите преобразби на неговиот ликовен јазик, Глигор Чемерски (1940-2016) интензивно се бавеше со сликата. Преку неа, тој учеше за светот и ги искажуваше своите сомнежи за „однапред зададените вистини“.
Во текот на 1980-тите и на почетокот на 1990-тите, Чемерски често престојуваше во Париз, каде што беше застапуван од галеријата Galerie du Fleuve (1983 – 2003). Постојано присутен на тамошната ликовна сцена, во тој период Чемерски реализираше повеќе изложби во таа галерија, а често беше и нивен главен консултант при откуп на дела. Најголем дел од цртежите и гвашевите претставени на оваа изложба се неизложувани дела, интимни формати од колекцијата на Galerie du Fleuve, создадени во тој период.
Зошто Чемерски денес, низ цртеж, отпосле?
„И покрај сета парализирачката неизвесност на нашето време што е предизвикана од низа на горливи прашања, а чиј мотор е насилството на капитализмот, еколошката деградација, неповратното исцрпување на ресурси, геополитичките тензии и конфликти, економска нерамноправност и технолошки нарушувања, средбата со цртежите на Чемерски, кои по еден чуден и случаен сплет на околности допатуваат „дома”, произведе нешто занимливо. Чудните хипертрофирани суштества и нивните хибридни светови, кои по зборовите на Глигор: „минале низ виделината на затворените очни капаци” – беа поттик одново да се погледне во ликовната програма која ги врзува„ се вели во најaвата на изложбата.
Она што Чемерски го прави релевантен денес, е можноста, одново да се препрочита длабоко хуманистичката позицијата која тој ја завзема во својата уметност, а зад која стои апсолутното убедување дека човекот е способен да создаде нешто од ништо. Целата негова ликовна поетика е во знак на еден егзистенцијален немир кој води до бескомпромисен и автентичен израз кој разрешил со умереноста. Во инсистирањето на една ликовна транспозиција на светот, тој инсистира на пресоздавање на светот во неговата слика, на редот на сликата која нудејќи се како форма и како израз, ја заменува реалноста и создава нова реалност, посилна и поубедлива од случајниот реалитет на стварноста која ја живееме.
Нурнувајќи се во сликата како суштина на културата во која се втемелени корените на сопственото несвесно, Чемерски создава простор за слобода и за делување, навраќајки се најнепосредно на своето тело и светот околу него наспроти сето отуѓување на современиот живот. Надоградувајќи ја стварноста со ова искуство, можноста за создавање и остварување на радикална промена, што е толку потребна денес, губи нешто од својата недостижност.
Глигор Чемерски (1940- 2016, Кавадарци, Македонија) сликар, графичар, мозаичар. Еден од најплодните македонски модерни автори, неговите дела се застапени во голем број на галерии и музеи во земјата и надвор од неа. Добитник е на голем број на награди и признанија, Чемерски работел и како ликовен есеист и критичар, телевизиски уредник, сценограф и костимограф. Автор е и на повеќе монументални дела: „Топла Земја“ (1971, фреска, Стопанска Банка, Скопје), „Човекот и светлината“ (1975, мозаик, ХЕЦ Вруток) „Споменик на слободата“ (1981, меморијален мозаички комплекс, Кочани), „Македонија- светла земја“ и „Македонија – земјата памети“ (2006, мозаици, Кабинет на Претседател на Република Северна Македонија, Скопје) итн.
Живеел и работел на релација Скопје – Беград – Париз. Бил член на Македонската академија на науките и уметностите и почесен член на Руската академија на уметностите.
Изложбата е во организација на галерија ГРАЛ и на Младинскиот културен центар во Скопје. Куратор на изложбата е м-р Елена Чемерска.
Изложбата е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, Europe House- Скопје и винарија Popov.