Чешкиот претседател ги критикува НАТО сојузниците дека ги изневериле ветувањата дадени на Украина

Претседателот на Чешката Република, Петр Павел, денеска во Италија ги критикуваше НАТО сојузниците, оценувајќи дека тие ги изневериле ветувањата дадени на Украина и со тоа ја отежнале нејзината контраофанзива, како и дека Западот треба да му даде на Киев сè што му е потребно, за да го врати суверенитетот и да воспостави контрола на своите граници.

„Било што помалку од тоа би бил наш пораз. А руската победа во иднина би се свртела против нас бидејќи би зајакнало нивното уверување дека своите цели можат да ги остварат со сила и би ги потикнале сите режими во светот да сметаат на слабоста на западните демократии“, рече Павел во интервју за италијански весник „Кориере дела Сера“.

Прочитајте и:  НАТО и Киев закажаа состанок: Руското експериментално оружје нема да има ефект во конфликтот, ниту ќе ги одврати сојузниците од поддршката за Украина

Павел, кој претходно беше на чело на Воениот комитет на НАТО, предупреди дека Западот не го исполнил ветувањето за Украина за снабдување со артилериска муниција и посочи дека обуката на пилотите на американските авиони Ф-16 оди побавно од очекуваното и дека Германија се двоуми дали да испрати ракети „Taurus“, кои Украина ги очекува, пренесуваат чешките медиуми.

„Ова предизвикува нерамнотежа во испораките, а неизвесноста на украинската страна не е добра основа за воено планирање. Оваа година Украина имаше шанса само за една голема контраофанзива. Тие се скапи, напорни и долготрајни, не можат да се извршат две или три контраофанзиви во текот на една година“, рече Павел.

МИА

- Реклама -