Ракометната репрезентација на Македонија ќе игра на Светското првенство (СП) кое ќе се игра во Египет, објавуваат медиумите, откако доцна попладнево Чешката ракометна федерација на Твитер соопшти дека нема да учествуваат на натпреварот, поради големиот број заразени ракометари во нивните редови. Имено, Чесите не успејаа да се екипираат откако позитивни тестови добија двајцата селектори, а потоа и поголем дел од ракометарите.
Со ваквиот исход, се активира статусот Македонија на „прва резерва“ на списокот на репрезентации кои првично не се квалификуваа, откако нашата репрезентација не доби шанса да игра бараж во јуни со Франција.
Во меѓувреме се очекува и потврда од ИХФ, најдоцна до утре.
Од друга страна, „црвено-жолтите“ се подготвени за учество на Мундијалот. Сите тестови на ковид-19 се негативни. Се очекува ракометарите да заминат за Египет во следните два дена.
За нашата селекција ова ќе биде седмо учество на светската ракометна сцена. Првото се случи токму во Египет, во 1999 година. Овојпат ќе бидеме дел од групата Г, заедно со Шведска, Египет и Чиле. Најдобрите три селекции во секоја група одат во наредната фаза.
Најдобриот свој резултат Македонија на мундијалите го постигна во 2015 година, кога заврши 9-та во светот.
Извор: Гол.мк