Американската амбасада им ги честита новогодишните празници на граѓаните во земјава. Во своето прво новогодишно видео обраќање, амбасадорката Кејт Мари Брнс се потсети на, како што вели, многубројните успеси на земјава во изминатата година и порача дека Северна Македонија, иако ѝ претстои уште многу работа, е на позитивен и ветувачки пат.
„Среќни празници од Американската амбасада во Северна Македонија. Додека размислував што да речам во мојата прва празнична честитка овде како американски амбасадор, бев изненадена од многуте значајни настани од изминатата година.
Вашата земја ја заврши годината седејќи на масата со нејзините идни НАТО сојузници во Лондон и на прагот на почетокот на 2020-та конечно да ги оствари долгогодишните аспирации да се приклучи на Алијансата. Тоа е соодветно заокружување на годината која започна со потпишувањето на пристапниот протокол на Северна Македонија за членство во НАТО назад во февруари.
Годината исто така го означи и продолжувањето на продлабочувањето на нашето билатерално партнерство. Во јуни ја приредивте најголемата воена вежба во историјата на вашата земја – ‘Одлучен удap’, во која силите ги здружија домашните, но и воените сили на САД, Албанија, Бугарија, Литванија и Црна Гора. А на почетокот на октомври, нашиот државен секретар го посети Охрид, каде имаше можност да ја изрази нашата поддршка и почит за Северна Македонија на средби со вашиот претседател, премиерот и други официјални претставници .
Како што годината наближува кон својот крај, вие разгледувате нови можности со вашите соседи. Вашата економија зајакнува и расте, со светла перспектива за понатамошна регионална интеграција. Северна Македонија продолжува да ја покажува својата подготвеност за отворање на пристапните преговори со Европската унија, имплементирајќи реформи кои се клучни за да ѝ помогнат на земјата да просперира и расте. Исто така ги охрабрува и странските инвеститори одблизу да ги разгледаат можностите во земјата, со тоа што продолжува да го предводи регионот според бизнис поволностите во годишните ранкинзи на Светската банка. Дури и туристичкиот водич ‘Lonely Planet’ препозна дека е време Американците и другите светски патници да ја откријат убавината и културното богатство овде, рангирајќи ја Северна Македонија на третото место на својата листа на најдобри туристички дестинации за 2020 година.
Знам дека претстојат уште значителни предизвици и има уште многу што треба да се сработи, но патот е позитивен и ветувачки. Затоа, со тон на надеж и оптимизам, ви посакувам Среќни празници и просперитетна и продуктивна Нова година, во која заедно ќе продолжиме да го развиваме нашето партнерство”, порача американската амбасадорка во видео обраќањето.