На почетокот на следната година General Motors планира лансирање на неколку модификации врз база на Chevrolet SS, кои ќе ги носат имињата El Camino и Nomad, а кон средината на 2013 ќе биде обновен и Malibu.
Концернот General Motors поднесе документи пред патент-бирото на САД, во кои сака да се продолжи важноста на брендовите El Camino и Nomad, соопшти весникот GM Authority. Овие два бренда Chevrolet ги користеше во периодот од 1960-1980 година. За El Camino се зборуваше од поодамна, но сега и името Nomad ќе се користи за различни модификации на Chevrolet SS. Под оваа ознака прво ќе излезе седан, кој ќе претставува нова верзија на австралискиот Holden Comodore, а по него ќе се појават пикап и комби, кои ќе бидат направени по урнек на Holden Ute и Commodore Sportwagon. Chevrolet SS досега беше прикажан само како спортски автомобил за сериите NASCAR. Се очекува новиот модел да добие заден пренос и осумцилиндерски бензински мотор.
Освен тоа, во GM предвидуваат предвремена надградба на новата генерација на Chevrolet Malibu кој беше прикажан неодамна и во Европа. Причината е дека седанот не може да достигне очекуваното ниво на продажба. Според шефот на GM, Дан Акерсон, Концернот се решил на ваков потег поради ниската активност на купувачите и покрај ласкави критики во печатот.
Ова е малку нејасно, бидејќи во октомври продажбата на Chevrolet Malibu се зголеми за 3%, иако генерално пазарот на седани беше намален за 4%. Се очекува новата верзија на Malibu да биде подготвена во втората половина на 2013 година.