Утре (вторник, 16 април) во КСП Центар – Јадро во 19 часот ќе се одржи средба на читачка група – иницијатива за критичко мислење чија тема во 2024 година ќе биде „Феминизам и студии за животните“. Воведно јавно предавање кон годинешната тема ќе одржи Катерина Шекутковска.
„Во продолжение на циклусот средби на читачката група која постои од 2021 година и се занимава со анализа на современи теориски идеи, КСП Центар-Јадро и во 2024 година ќе формира група на читатели кои јавно ќе дискутираат на тема од актуелната културолошка и социолошка теорија. Како и во изминатите години, фокусот на истражувањето е насочен на текстови кои не се издадени на македонски јазик и/или ретко се тематизираат“, велат од КСП Центар Јадро.
Своите анализи и заклучоци групата ќе има можност да ги комуницира со заедницата преку јавните дискусии, а на крајот на работниот процес, најредовните учесници ќе напишат текстови за темите кои ќе бидат во фокусот на средбите. Потоа, текстовите ќе бидат објавени на веб-сајтот на КСП Центар-Јадро.
Катерина Шекутковска (Скопје, 1988) дипломирала на Катедрата за германски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. По едносеместралниот престој на Универзитетот во Констанц (Германија) таа ги започнува своите постдипломски студии на катедрата за германска книжевност и медијација на книжевноста на Универзитетот во Бамберг (Германија). По завршување на практичниот дел од докторските студии (посетување на предавања, колоквиуми и конференции) како и по неколку годишната соработка како научен истражувач и предавач на Универзитетот во Бамберг, таа моментално работи на својата докторска дисертација како и на преведувачки и истражувачки проекти.
Во 2022 година таа ја основа издавачката куќа „Илика“ каде фигурира како главна и одговорна уредничка. Во фокусот на нејзината работа стои интердисциплинарноста која произлегува од повеќегодишното академско искуство и практичната работа во полето на издаваштвото и театарот. За време на тригодишната работа како претставничка на докторадите на школата за книжевност, култура и медиуми при Универзитетот во Бамберг таа организирала читачки кружок за теориска литература и салонски дискусии во чии рамки се тематизирале феномени и проблематики кои произлегуваат од пресекот помеѓу теоријата и уметностите. За својата работа како академска истражувачка и преведувачка таа е добитничка на повеќе стипендии (двократно стипендистка на ДААД, истражувачка стипендија „РАДИАЛ“ за преведувачи, резеденцијална стипендија од ЛЦБ Берлин итн.).