По наредба на првиот човек на Солунското обвинителство Димитрис Смирнис, обвинителот за кривични дела ќе започне итна прелиминарна истрага за откривање на сторителите на упадот на изложбата во Солун на македонскиот сликар Сергеј Андреевски, јави дописничката на МИА од Атина.
Според грчката новинска агеција АНА-МПА, истрагата е доделена на Одделот за расистичко насилство, ќе се провери материјалот објавен од сторителите на интернет, ќе бидат повикани да сведочат организаторите на изложбата и сите кои имаат сознанија за инцидентот, а ќе се истражи расно мотивирано насилство, соучесништво и поттикнување за извршување на кривични дела, насилство или раздор.
Како што утрово објави МИА, група членови на Златна зора, која со судска одлука е криминална организација, со маски на лицата, капчиња и качулки за да го скријат својот идентитет, упаднаа во галеријата на солунската општина Каламариа каде што е се одржуваше изложбата на ликовниот уметник Сергеј Андреевски.
Во објавеното видео на т.н „Фронт на подмладокот – Златна зора“, тие соопштија дека „Златна зора ја запечатила скопската изложба во Каламариа“ и порачаа дека не прифаќаат никаков компромис за „грчкиот карактер на Македонија“, како и дека изложбата е „очигледен потсмев и навреда на националното чувство на Македонците“ и тие „морале да интервенираат“ и да испратат порака до грчките власти дека „ваквите провокации не остануваат без одговор“.
Како што пренесе МИА, членовите на групата на влезот од галеријата залепиле плакати кои, како што велат, се однесуваат на жителите и на „неприфатливата толеранција на градоначалникот“.
„Се забранува секаква реклама или отстапување на јавен простор со пари од грчките граѓани за организации или личности како што е Сергеј Андреевски, кои ја поткопуваат грчката историја, го оспоруваат грчкиот карактер на нашата земја, ги отстапуваат нашите национални симболи и одобруваат криминал врз Грците“, пишува на плакатот.
„Златна зора“ како политичка партија во периодот од 2012 до 2019 година беше дел од грчкиот Парламент, а според судската пресуда од 2020 година е криминална организација. Раководството на партијата, поранешни пратеници и членови издржуваат затворска казна.
Портпаролот на грчката Влада Акис Скерцос на денешниот редовен брифинг со новинарите рече дека „не постои никаква толеранција за таканаречените паравоени нацистички групи, никаква толеранција за беззаконието, никаква толеранција за заплашувањето на грѓаните“, додека пак партискиот огранок на СИРИЗА од Солун излезе со осуда на „варварскиот упад на маскираните Златнзорци“ во општинската галерија во Солун и побара полицијата да ги уапси сторителите.
И македонското МНР реагираше за инцидентот во Солун кога за време на изложбата, како што посочуваат од МНР, во галеријата упаднале група маскирани луѓе, кои со непристојно и вулгарно вербално однесување се обиделе да предизвикаат прекинување на изложбата, по што си заминале.
„Иако без демонстрација на физичко насилство или нанесена материјална штета, поради заканите и вербалните напади била повикана и полиција, која е целосно известена за инцидентот. За инцидентот известени се и Генералниот конзулат на Северна Македонија во Солун и Амбасадата во Атина, кои веднаш стапија во директен контакт со надлежните органи на Грција, а за инцидентот е информирано и грчкото Министерство за надворешни работи“, наведува МНР.
Од министерството додаваат и дека во текот на денешниот ден во МНР била повикана и грчката амбасадорка Софија Филипиду, при што и формално ќе бидат упатени очекувањата од нашиот сосед да бидат преземени сите мерки за откривање и процесирање на сторителите.
Извор: МИА