Човечкото тело е можеби најсовршената машина на светот, но кога се работи за обработката на метали потполно потфрламе. Како резултат, канализацијата е полна со злато.
Не само што оние благородните како златото, среброто и платината ништо не му вредат на телото, туку и нé убиваат, особено оловото и бакарот. Единствената опција ни е да ги профилтрираме микроскопските остатоци од металите, кои на овој или оној начин секојдневно ги внесуваме преку храната, водата и воздухот, и преку изметот да ги исфрлиме од телото.
И додека нам лично не нé интересира што сé испраќаме во канализацијата и што сé завршува во отпадните води, група американски научници покажаа необично голем интерес во оваа сфера. Тие сметаат дека сите тие капки на излачени човечки флуиди содржат вистинско богатство.
Нивните проценки велат дека град со милион жители, во просек годишно исфрла (преку канализацијата) метали во вредност од околу 13 милиони долари. По таа математика, еден тон канализациска смеса содржи 0.4 милиграми злато, 28mg сребро, 638mg бакар и 49mg ванадиум (кој стана исклучително вреден, заради употребата во мобилните телефони).
Анализите беа направени во неколку градови ширум САД, а заклучокот е дека просечните количини се еднакви во секоја средина, без разлика на економскиот статус, обичаите и други слични фактори.
Идејата секако е корисна, не само за компанијата која би се бавела со филтрирање, туку и за луѓето и животната околина. Наместо сета таа количина на корисни метали да заврши којзнае каде, може да се искористи за многу други намени.