Човекот што го создаде Copy Paste

v237598[1]

Сигурно не го знаете човекот што ги создаде двете најважни функции што секојдневно ги користите, и уште посигурно – тоа е грешка што сега ќе ја исправиме.

Лоренс Лари Теслер е Американец роден на 24 април 1945 година, во Бронкс, Њујорк. Без неговата работа, денес користењето на компјутерите, смартфоните и другите мобилни уреди би било дааалеку покомплицирано. Како компјутерски научник, преку целата своја кариера работи на опциите на интеракција меѓу луѓето и компјутерите, а продолжува со работа и денес, на негова 71-годишна возраст. Теслер ја градеше својата кариера во најпознатите компании, во имиња како Xerox PARC, Apple, Amazon и Yahoo!.

Неговиот значаен удел не е толку во полето на измислување на нови начини на комуникација меѓу корисникот и машината, колку што е во прилагодување на веќе постоечките со нови можности. Со помош на неговиот проект „Gypsy Editor“ (текст процесор), на пример, е развиен и усовршен „Click and Type“ интерфејсот, кој овозможува да се внесе текст на одреден дел од програмата/документот, или да се позиционира курсорот на маусот.

Лари ќе го запаметиме и како човекот заслужен за функциите „Copy“ и „Paste“, кои успешно ги имплементираше во Gypsy Editor-от уште во периодот од 1973-та до 1976-тата година. Во тоа време Лари Теслер работел заедно со Тим Моти во компанијата Xerox PARC, поконкретно во нејзиниот Развоен центар во Пало Алто.

Функцијата Copy/Paste всушност настанала од претходникот Cut/Paste. Подоцна се задржани сите три, со цел полесно сечење, копирање и налепување на текст и други содржини (зависно од интерфејсот и програмата). Во следните години, овие функции добија и свои кратенки на тастатурата, кои денес ги знаеме како CTRL+C, CTRL+V и CTRL+X.

Apple фигурира како клучен играч во приказнава, со оглед дека во 80-тите нашироко ја распространи опцијата Cut/Copy/Paste преку своите компјутери Lisa. А Теслер во Apple работеше од 1980-та година, каде се бавеше и со развој на компјутерите Macintosh.

Првично, раните верзии на компјутерите со оперативен систем Windows го користеа концептот на IBM, кој беше сличен на Cut/Copy/Paste – Insert, Dell, Shift и Control. Но не помина многу време, а Windows без двоумење го прифати моделот на Apple и Лари Теслер.

- Реклама -