40-годишниот Тим Штајнер му го продаде својот истетовиран грб на германски колекционер на уметност.
Со договорот е предвидено, кога ќе умре, кожата да му биде симната од телото и врамена како уметничка слика. Во договорот стои дека постхумно, тетоважата ќе треба да се изложува најмалку три пати годишно во некоја од уметничките галерии. Од друга страна, додека да се случи тоа, Штајнер е задолжен да седи и да ја изложува по уметничките галерии.
„Уметничкото дело е на мојот грб, јас сум само типот што го носи“, вели Штајнер – поранешен менаџер на студио за тетовирање.
Што се однесува до самата тетоважа, на неговиот грб е нацртана Дева Марија, опкружена со традиционални мотиви кои се среќаваат кај тату мајсторите – мексикански череп, ружи, јапонски риби „кои“, цветови од лотос, како и снопови од сончеви зраци кои излегуваат од ореол.
Авторот на тетоважата е белгискиот уметник Вим Делвоје, познат по многу дела од современата уметност, но и по контроверзното тетовирање свињи. Тој намерно барал некој што ќе го носи неговото дело на грбот, а Штајнер прифатил без двоумење.
„Како што јас гледам на тоа, во прашање е ултимативна уметност. Тату мајсторите се неверојатни уметници кои не се признати во современиот уметнички свет. Сликањето на платно е едно, но сликањето на кожа со игла е нешто сосема друго“, вели Штајнер.
Самиот процес на тетовирање траел 40 часа, а делото му е продадено за 150.000 евра на Рики Рајнкинг во 2008 година. Третина од сумата земал Штајнер, а останатите завршиле на контото на Делвоје.
Што се однесува до тоа дека неговата одрана кожа еден ден ќе стои во рамка, Штајнер смета вака:
„Ужасот е релативен поим. Ова е стар концепт и во јапонската тату историја ова е направено многу пати. Ако рамката е добра и сè се направи како што треба, не мислам дека тоа е лоша идеја“.
Минатата година одбележа 10-годишнина од делото, а Штајнер во Тасманија, во Музејот за нови и стари уметности, беше „изложен“ по пет часа дневно, шест дена во неделата, во текот на целата година.
„Се работи за 1.500 часа; тоа е далеку најлудото искуство во мојот живот“.