Денот на европските автори 2024, кој се одбележува на 25 март во 40 европски земји кои се дел од програмата Креативна Европа на Европската Унија, има цел да ги поврзе и поттикне младите генерации да развиваат читачки навики и да им помогне да се запознаат со европските автори и да ја откријат разноликоста на европската литература.
На иницијатива на Европската Комисија, Денот на европските автори првпат се одбележа минатата година, а годинава во поголем обем ќе се одржува во сите земји кои се дел од програмата Креативна Европа, со разновидни активности за промоција на европските автори и циркулација на европските дела, особено активности кои вклучуваат читања, дискусии и запознавање со европски автори во училишта, библиотеки и книжарници.
Кон одбележувањето на Денот на европските автори ќе се приклучат и издавачката куќа и книжарницата „Чудна шума“, вклучени и во европската мапа на активности на 25 март, како и во деновите кои следуваат. Во програмата која ја подготви „Чудна шума“, планирани се активности како читање и запознавање со авторите и делата од проектот „Млади европски приказни“ (Young European Stories) за превод и циркулација на книжевни дела (поддржан од Креативна Европа) и средба со авторката и уредничката Билјана С. Црвенковска во книжарницата „Чудна шума“, потоа креативна работилница „Овде, во близина, живее едно девојче“ со Ана Голејшка Џикова во библиотеката „Јане Сандански“ (придружен објект на Градска библиотека „Браќа Миладиновци“), како и повеќе активности за промоција на делата и авторите на социјалните мрежи и во книжарницата „Чудна шума“.
„Млади европски приказни“ / „Young European Stories“ е тригодишен проект за превод, објавување и промоција на европски книжевни дела за деца и млади, чиј координатор е „Чудна шума“, а вклучени се и издавачи од неколку европски земји.
Во рамки на проектот се преведуваат и објавуваат 14 книжевни дела за млади читатели од различни возрасти, од деца од предучилишна возраст, па сѐ до тинејџери од 16 до 19 години. Книгите се преведуваат од холандски, унгарски, хрватски, германски, норвешки, шведски, словенечки, турски и романски на македонски, како и од македонски на хрватски и германски. Книжевните преводи ги прават искусни и наградувани книжевни преведувачи: Дарко Спасов од словенечки, Ели Пујовска од Холандски, Лидија Димковска од романски, Златко Панзов од унгарски, Родна Русковска од шведски, Калиопа Петрушевска од хрватски, Ксенија Чочкова од германски, Искра Бадева од норвешки и Васко Марковски од турски на македонски јазик, како и Корнелија Маркс од македонски на германски и Магдалена Кукиќ од македонски на хрватски јазик.
Сите книги кои ќе бидат преведени во рамки на проектот се дела за деца и млади што обработуваат значајни теми. Сликовниците, наменети за деца за предучилишна возраст, обработуваат теми како прифаќање на различностите и инклузивност, миграцијата, справување со траума и губиток, подигање на свесноста за грижата за животната средина и за климатските промени; слични теми обработуваат и романите за деца од предтинејџерска возраст, додека книгите за млади дополнително обработуваат и теми за родовата еднаквост, сексуалноста и проблемите со кои се соочуваат младите луѓе во современиот свет.
Досега, во рамки на проектот се објавени следниве книги во издание на Чудна шума:
– сликовницата „Каде е мојот дом“ на турската авторка и илустраторка Сезен Аксу Ташјурек – превод на Васко Марковски од турски на македонски јазик, која на најмладите читатели им ја посочува опасноста од климатските промени и како тие влијаат на околината и на животинскиот свет.
– сликовницата „Овде, во близина, живее едно девојче“ од словенечката писателка Ида Млакар Чрнич и илустраторот Петер Шкерл, превод од словенечки на македонски на Дарко Спасов, која за социјалните разлики, врсничкото насилство и прифаќањето на различностите- сликовницата „Мојата бабичка не знае која сум“ од хрватската писателка Ива Безиновиќ-Хејдон и илустраторката Хана Тинтор, превод од хрватски на македонски на Калиопа Петрушевска, нежна и трогателна приказна – илустрираниот роман „Куќа без огледала“ на познатиот шведски писател за деца и млади Мортен Санден, со илустрации на Иштван Лакатош и во превод од шведски на Родна Русковска. Се работи за една трогателна приказна за љубовта, болката, растењето и созревањето, проткаена со загадочна атмосфера од која одвреме-навреме ќе ве полазуваат морници.
Во рамки на проектот се преведуваат и книги од македонски на други јазици, па досега е преведен и илустрираниот роман за деца на Билјана С. Црвенковска со илустрации на Нита Муча „Sвезда Мрак и суштествата од Страшкоград“ (“Stella Dark”) – превод од македонски на германски на Корнелија Маркс (издание на Мителдојчер ферлаг). Набргу се очекува и хрватскиот превод на книгата „Sвезда Мрак и суштествата од Страшкоград“, во издание на Ибис графика.