„Недозволиво е земја членка на НАТО и претендент за членство во ЕУ да дозволи со години да биде сериозна логистичка база за најозогласени криминални транснационални картели со активности на сите континенти. Токму тоа, со своето нестручно, непрофесионално и зачудувачки незаинтересирано и дефокусирано однесување, го овозможи актуелното раководство на МВР, на чело со министерот Оливер Спасовски, кој замислете имаше речиси цели четири години за да ја заврши истрагата“, пишува поранешниот технички министер за внатрешни работи – Наќе Чулев, по повод аферата и денешната полициска акција, во која службени лица во МВР беа уапсени затоа што издавале македонски лажни пасоши за високопрофилни меѓународни криминалци.
Според Чулев, во периодот кога тој стана технички министер за внатрешни работи, истрагата за оваа афера била речиси замрзната. Тој вели дека била потребна целосна посветеност за да ги мотивира неговите колеги, покрај сите опструкции во тој период, да дадат максимум за реактивирање на истрагата.
Понатаму, Чулев тврди дека истрагата била речиси комплетирана во периодот додека бил министер. Вели дека истата не финиширала, односно не била објавена, поради неговата желба да го задржи професионалниот однос, но и за да не биде ставена во контекст на парламентарните избори.
„Која е причината поради која се чекаше недозволиво долг период кога во континуитет се издаваа македонски пасоши, исклучиво знае Оливер Спасовски и одговорноста е исклучиво негова. Тој е министерот на кој редовно намерно или ненамерно му се случуваат сериозни пропусти во работењето, што резултира со последици по меѓународната репутација и интегритетот на државата, а што се отсликува и со рапидниот пад на Македонија на листата на земји по степен на корумпираност“, обвинува Чулев.
Според него, сега е крајно време Оливер Спасовски да понесе, и тоа во најмала мера, морална и политичка одговорност, а одговорната функција на која се наоѓа да ја препушти на личност која, како што вели Чулев, максимално посветено и чесно ќе ја извршува истата.
„Тој има обврска одговорно и согласно со законите да ја извршуваа таа функција и за тоа не треба да биде потсетуван и да му се врши притисок од страна на опозицијата, граѓаните и странските партнери, кои пак очекуваат бескомпромисна борба со организираниот криминал и корупција“, порача поранешниот технички министер за внатрешни работи.
Спасовски, пак, денеска ги демантираше тврдењата дека истрагата започнала за време на министерувањето на Чулев и дека по неговото враќање МВР ништо не правело за овој случај. Според него, ваквите тврдења се целосно невистинити и се директно поврзани со обидот да се саботира истрагата и полициската акција, за што ги обвини ВМРО-ДПМНЕ и лидерот на партијата Христијан Мицкоски.