Да не донесете уставни измени е како да не се запишете на факултет од страв дека во трета година може да паднете на некој испит, вели Маричиќ

Годината 2023. е меѓу најактивните години на меѓународно-политички и дипломатски план за Северна Македонија. Пропадната година е само за опозицијата која одлучи да ја блокира сопствената држава на евроинтегративниот пат. Понудата на избори да се излезе со предлог да се чека уште 100 години не е победничка, оцени вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

-Мислам дека 2023 е меѓу најактивните години на меѓународно-политички и дипломатски план. Најпрво, година на успешен скрининг којшто е заведен и во извештајот на ЕК од ноември оваа година, но и од заклучоците на самитот меѓу ЕУ и Западен Балкан. Повеќе успешни учества на наши високи делегации предводени од премиерот Ковачевски, претседателот Пендаровски, членови на Владата на форуми и самити поврзани со стабилноста и напредокот на Западен Балкан и односите со ЕУ, повеќе од успешно претседавање со ОБСЕ кое што беше верификувано од повеќе страни, најава во почетокот на наредната година за регионална средба на сите премиери и лидери од регионот во Скопје поврзани со Планот за раст. Да не заборавиме дека Планот за раст беше промовиран тука во Скопје со учество на министрите за финансии и за европски прашања. Мислам дека беше прилично успешна година на меѓународен план за Северна Македонија, држава која што во минатото имаше потреба од меѓународни мировни мисии, мисии за помирување, Пржински преговори и каде што внатрешниот политички систем не можеше да профункционира правилно, сега имаме ситуација во која ние посредувавме меѓу Србија и Косово и средбата во Охрид, на која се направи исчекор е уште еден доказ дека Северна Македонија е кредибилен партнер, рече вицепремиерто на новинарско прашање дали смета дека 2023-та е пропадната година на политичко-дипломатски план.

Маричиќ додаде дека тоа беше оценка и на претставниците на САД и сите коишто дојдоа во посета на државава, наведувајќи ги неколкуте посети на Урсула фон дер Лајен во една година, посета на повеќе странски претседатели и премиери, како премиерот Пленковиќ, претседателката на Словенија, претседателот на Германија, претседателот на Австрија итн.

-Значи, една многу интензивна меѓународна година. Ова е промашена година само за опозицијата која што одлучи да ја блокира сопствената држава. Ние се бориме да немаме 11 промашени години, таа да биде само една, затоа што загубеното време никој не може да ни го надомести. Албанија стана членка на НАТО 10 години пред нас, да не дозволиме да стане земја членка на ЕУ 10 години пред нас, не заради Албанија, туку заради нас. Ние се радуваме на секој успех на секоја држава во регионот, меѓутоа Хрватска и Албанија го искористија многу добро своето членство во НАТО. Хрватска во меѓувреме стана и членка на ЕУ, а заедно бевме на масата за да станеме членка на НАТО. Е сега сме заедно со Албанија, но и со Црна Гора, Србија и другите иако и тие долго време преговараат, вели тој.

Тој е уверен дека ако ние го задржиме и го засилиме темпото можеме да ги стигнеме и оние кои 10 години преговараат и заедно со Албанија, Србија и Црна Гора да станеме членки на ЕУ,м бидејќи нагласува, се зависи од нас.

-Затоа мислам дека што помалку промашени години, а што повеќе успешни години ќе ни донесат побрзо да сме таму каде што сакаме да бидеме наместо да ги броиме промашените години. Оваа година 2023 беше промашена година само за опозицијата бидејќи ние како Влада направивме навистина многу. Јас се надевам дека наредната 2024 ќе го обновивме политичкиот консензус за ЕУ бидејќи тој не е доволно да биде само на ниво на реторика и на ниво на начелни заложби, политички, туку и на ниво на носење на крупни политички одлуки кога тие треба да се донесат. Затоа што да имаше храброст и искрена желба за европски интеграции досега кај опозицијата, наместо да одлучеше ВМРО-ДПМНЕ да се приклони кон Левица, наместо кон мнозинството проевропски партии, досега ќе ги имавме завршено тие обврски и сигурен сум дека ќе се занимававме со други прашања и работи, вели Маричиќ.

Според него, антиевропската политика на ВМРО-ДПМНЕ не може да биде победничка на изборите, и, вели, сигурен е дека ВМРО-ДПМНЕ нема да ги добие изборите.

-Сигурен сум дека проевропските партии, проевропското блок којшто сега го сочинува мнозинството по изборите повторно ќе ја формира владата, а изборот ќе биде на ВМРО-ДПМНЕ дали ќе се претвори трајно во антиевропска партија или, пак, ќе ја промени својата позиција и она што го кажува како декларативна заложба ќе го покаже во пракса и ќе ги изгласаме уставните измени за да продолжиме, рече вицепремиерот за европски прашања.

Тој во овој контекст го спомна примерот со едногласното усвојување на патоказите минатата недела на заедничклата седница на НСЕИ и на Комисијата за европски прашања, како пример за убава слика во Собранието и можност да се види дека разликите помеѓу пратениците од различни партии не се толку големи колку што се чинат на прес-конференциите и е добра основа понатаму да градиме добра практика.

Прочитајте и:  ЈСП доби шест еколошки автобуси, донација од Европската унија

-Јас жалам што ВМРО-ДПМНЕ одлучи наместо да ја преземе одговорноста за уставните измени да ја префрли одговорноста кај граѓаните тие да ги носат одлуките во наредниот период на изборите наредната година. Ние сме веќе 30 години демократија која што созрева и треба некои работи да ги надминеме во однос на партиско-политичките поделби. И затоа верувам дека има луѓе во сите политички партии вклучувајќи го и ВМРО-ДПМНЕ кои разбираат дека е неодржлива антиевропската политика, дека е неодржливо да зборувате дека сте за ЕУ а да направиме буквално се што можете во пракса да не успееме на тој пат. Исто така, прашањето на уставните измени да не го игнорираа од самиот старт можеби денес ќе беа и тие и целата држава во подобра позиција, затоа што на овој начин верувајте понудата на изборите ако се сведе дека треба да чекаме 100 години, дека сме спремни да чекаме уште 100 години и дека ни е подобро без ЕУ, ако е тоа понудата и ако очекуваат тоа да биде победничка понуда мислам дека погрешно пресметале, вели Маричиќ.

Во однос на оценките за корупцијата и правосудтвото, тој нагласува дека ниту една држава не се откажала од својот евроинтегративен пат заради тоа што постојат пречки на него во текот на преговорите.

-Ние можеме да најдеме илјада изговори да не ги направиме уставните измени, тоа не е никаков проблем, гледаме дека успешно и оди на опозицијата да најде илјада и еден изговор зошто не. Меѓутоа, тоа е исто како да кажете дека нема да се запишете на факултет, затоа што постои можност во трета година да паднете на некој испит и заради тоа нема да се запишете на факултет, ќе се жртвувате заради тоа што можеби во трета година има еден тежок испит којшто тешко го полагаат сите па веројатно и вие ќе го паднете. Затоа и мислам дека ниту една држава не се откажала од својот евроинтегративен пат заради тоа што постојат пречки на него во текот на преговорите, вели Маричиќ.

Тој наведе дека од документите поврзани со францускиот предлог, може да се види дека единствен услов за втората меѓувладина конференција се уставните измени покрај овие патокази што денеска ги испраќаме во Брисел, а во преговарачката рамка наведени се како општи услови и добрососедските односи кај што се спомнува и Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија, но дека деталите на тој договор се ценат во целина, и не се конкретни репери по коишто некој нас ќе не сопре или нема да не сопре.

-Во некои верзии на заклучоците имаше обиди да се стават билатералните протоколи меѓу нас и Бугарија во заклучоците. Не успеаја. Не успеаја затоа што знаеме што пишува во преговарачката рамка, знаеме за што сме се договориле. Тоа не значи дека под некои други прашања некои други членки ќе отворат некои теми – дали ќе биде животна средина, дали ќе биде земјоделие бидејќи знаете има многу теми каде што државите си ги бранат интересите на различни теми, на различни начини. Некоја држава има интерес во земјоделието, некоја има интерес во транспортната политика, некој има интерес во владеење на правото итн. Тоа е за очекување. Меѓутоа, затоа постојат преговорите за во тој период од 4-5 години вие ги надминете сите отворени прашања, ги усогласите вашите политики и закони со европските политики и закони и на крајот со согласност на сите го потпишете договорот за пристапување. Тоа е процесот којшто бил за сите така. Нашата цел е да истраеме, а не да се откажеме. Затоа барањето изговор да се откажеме не треба да го прифатиме, кажа Маричиќ и укажа на примерите на Хрватска која имаше една година блокада од Словенија, на Словенија која морала да го смени уставот заради Италија, дека Шведска мораше да го смени уставот заради Турција за да стане членка на НАТО.

Според него, битката треба да биде насочена за побрзо да ги решиме билатералните прашања и фокусот да се стави на суштинските, како до пофункционален Судски совет, како борбата против корупција да биде поефикасна, како јавните услуги да бидат поефикасни и ослободени од коруптивни притисоци и тоа е битка која што, вели, е легитимна.

Извор: МИА

- Реклама -