Книжевниот фестивал за мали фикции „Друга приказна“ повикува за помош за реализација на овогодишното издание и одбележување на јубилејот 30 години Маргина и 15 години Окно.мк
„Друга приказна“ е регионален литературен фестивал и ќе се одржи во Скопје од 30 август до 1 септември од Маргина и Окно, а се фокусира на кратка фикција, кратка литературна форма. Помеѓу целите на фестивалот е популаризација на литературата, преиспитување на улогата на литературата во општеството, преиспитување на жанровските граници, односите меѓу популарното и елитата, високото и ниското, ангажираното и бегството, преиспитување на улогата на писателот во нови локални и глобални контексти, креирање и практикување на нови стратегии за поврзување меѓу културите и на локално и на регионално и на глобално ниво, како и вмрежување на македонски автори и искуства во регионален контекст.
Главната тема на фестивалот оваа година се јубилеите на Маргина, магазин кој прославува 30 години и Окно, порталот кој слави 15 години постоење, додека втората важна тема на фестивалот ќе биде Палестина.
На фестивалот ќе учествуваат околу 30 писатели, артисти и теоретичари од земјава и регионот, а со цел успешно спроведување организаторите собираат донации за да се обезбедат простор и опрема, превоз и сместување за учесниците, промотивни материјали, но и награди за победници. Со цел полесно собирање на донации креирана е страница на „Go get funding“.
Организаторите истакнуваат дека добиле две илјади евра финансиска поддршка од регионалната мрежа Традуки и дека им недостасуваат уште толку за успешна реализација.