Да се викаш Доналд Трамп во Авганистан

Кога Сајед Асадула Поја – 28-годишен наставник од Кабул, Авганистан, решил да го крсти син му ‘Доналд Трамп’, се надевал дека името ќе му донесе добра среќа. Меѓутоа, сега засега, тоа само му го отежнува животот, како неговиот, така и на целото негово семејство. И иднината не му изгледа ништо посветло.

Синот на Сајед е роден во август 2016-та, кога Трамп сé уште беше во фаза на кампања за претседателските избори. Со оглед на тоа, претпоставувате, Сајед не бил маѓепсан од Трамп заради неговата политичка кариера, туку од неговите бизнис успеси. Тогаш само што завршил со читање на неговата книга „Трамп: Како да станеш богат“, а кога детето му се родило со необично руса коса, едноставно тоа бил знакот дека треба да се вика Доналд Трамп. Или барем така мислел Сајед.

„Ја обожував неговата личност. Сметав дека е најдобар во економија и дека е одличен во политика. Си мислев: Ова е одличен човек. Ми се допаѓање начинот на кој Трамп нешто ќе посака, и потоа оди и го зема“.

Родителите на Сајед биле бесни што на синот му дал немуслиманско име, а локалниот имам посветил цело предавање на оваа тема, нарекувајќи го името навреда за нивната религија. Сајед тогаш уште живеел со неговото семејство во централен Авганистан, ама откако на татко му (дедото) му се смачило секој ден да го слуша американското име, дал отказ од работа и се преселил со сопругата и синот во Кабул. „Татко ми секој ден стануваше сé полут и полут, сé додека еден ден веќе не можеше да трпи“.

Прочитајте и:  Волц: Трамп планира да ги доведе Русија и Украина на преговарачка маса и да стави крај на војната

Арно ама, и во Кабул не им оди многу подобро. Пред недолго време, група гневни луѓе побарале од станодавецот на Сајед да го исфли семејството, од причина што на синот му дал „неверничко име“. Други го обвинуваат дека им се улизува на Американците за да има поголеми шанси да добие азил за во Америка. Сајед тоа категорично го негира.

Сајед и жена му дури морале и да ги деактивираат своите Фејсбук профили, бидејќи нонстоп биле бомбардирани со навреди, а очекувано, и со смртни закани – на пример дека четворица мажи се на пат да им дојдат дома и да го убијат целото семејство.

Но и покрај сé, Сајед не ни помислува да му смени името на синот. Признава дека е исплашен за нивната безбедност, но не отстапува:

„Име си е име“, вели тој, додавајќи дека синот може да си го смени кога ќе порасне, ако тоа го сака. „Но во моментов е моја одлука, а јас решив да се вика Трамп… Веројатно ќе го малтретираат и тепаат во училиште, ама не се двоумам. Сите други нека одат по ѓаволите“.

- Реклама -