Дачиќ: Јас да ви кажам зошто Северна Македонија го призна Косово

Северна Македонија ја призна еднострано прогласената независност на Косово само за да му се доближи на Западот, смета министерот за надворешни работи на Србија – Ивица Дачиќ.

Во емисија на „ТВ Пинк“, тој ја коментираше изјавата на новоизбраниот претседател Стево Пендаровски, кој изјави дека нашата држава ја признала независноста на Косово „согласно нејзината стратешка ориентација, но и имајќи го во предвид и ставот на граѓаните од албанската заедница, која е втора по бројност во Македонија“.

За Дачиќ, таквата аргументација не држи вода. Тој инсистира дека Македонија, како и другите земји од опкружувањето на Србија, тоа го направила/ле само поради стратешката ориентација, односно за да му се доближат на Западот, а не и поради Албанците.

„Ако држеше аргументацијата дека го признале Косово поради Албанците, тогаш како и во Црна Гора го признаваат Косово, кога Србите се втора најбројна национална заедница? Каде е тука принципот?“, аргументира Дачиќ.

„Со тоа покажаа дека нивната стратешка ориентација не е разбирање на проблемите со кои се соочува Србија“, истакнува тој, додавајќи дека Македонија била некоректна кон Србија, бидејќи Србија ја признала Република Македонија и покрај тоа што тоа било спротивно на нејзините стратешки интереси – пријателството со Грција. Дачиќ додава дека со признавањето на Косово, Македонија на доброто вратила со лошо. Тој потсетува дека и покрај тоа Србија не го повлекла признавањето на Република Македонија, поради што минала низ „разни фази во односите со Грција“.

„Се покажа дека згрешивме, бидејќи Македонија сега се вика Северна Македонија. Да бевме во право, ќе останеше Република Македонија“, констатира Дачиќ.

- Реклама -