Дачиќ: Лавров вети дека ќе ја поддржи Србија во СБ на ОН

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ изјави дека на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров му пренел дека Србија поднесе барање за итна седница на Советот за безбедност на ОН поради ситуацијата на Косово и додаде дека Лавров му ветил поддршка, јави дописникот на МИА од Белград.

Дачиќ, како што објави белградска Политика, изјави дека разговарал со уште неколку министри за надворешни работи, од земји кои ја „признаваат и не ја признаваат таканаречената самопрогласена независност на Косово“. Како што наведе, меѓу другите, разговарал и со министри од Словенија, Малта, Сиера Леоне, Мозамбик и други.

Тој објасни дека барањето за итна седница на Советот за безбедност на ОН е поднесено поради општата ситуација на Косово, теророт врз Србите, обидите за укинување на динарот и се што претставува кршење на резолуцијата 1244 и сите други меѓународни документи поврзани со Косово.

Прочитајте и:  Вучиќ за Би-Би-Си: Никогаш не сме го признале Косово, нормализацијата значи дека го чуваме мирот

Дачиќ рече дека образложението на барањето за итна седница ја содржи целата хронологија и опис на актуелната состојба на Косово.

– Наскоро ќе имаме одговори на сите овие прашања. Амбасадорот на Гвајана сигурно ќе свика состанок на кој ќе се разговара за ова прашање. Зборував со моите колеги и разговарав со претседателот (Вучиќ). Делот што сега е на ред е она со што се занимава МНР. Се останато подготвија канцеларијата за Косово и Метохија и преговарачкиот тим предводен од претседателот Вучиќ, со што ќе одиме на седницата, рече Дачиќ.

- Реклама -