Дачиќ: Лицемерен потегот на ФИФА за покренување дисциплинска постапка против репрезентацијата на Србија

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, денеска го оцени како лицемерен потег покренувањето на дисциплинска постапка против репрезентацијата на Србија од страна на Светската фудбалска организација (ФИФА), поради тоа што во нивната соблекувална на Светското првенство во Катар било закачено српско знаме со територијата на Косово и порака „Нема предавање“.

Дачиќ го изрази својот револт правејќи споредба со Украина:

„Замислете ако Украина каже: ‘Крим е Украина, нема предавање’. Дали некој би ја казнил и би ја избркал Украина?“, праша Дачиќ во гостувањето на телевизијата „Прва“, потенцирајќи дека Србија, како држава, не може да реагира бидејќи ФИФА е спортска организација.

Сепак, според Дачиќ, ваквиот потег само зборува за лицемерието. Тој рече дека не разбира што е навредливо во пораката „Нема предавање“.

„Што е навредливо кога некој вели дека нема предавање? Па што да кажат, дека ќе се предадат? Второ, тие зборуваат за фудбал и ‘не се предаваат’, се однесува на фудбалските натпревари. Загубивме од Бразил и се очекуваше да загубиме, но сега имаме решавачки натпревари со Камерун и Швајцарија“, рече Дачиќ.

Прочитајте и:  Брнабиќ: Опозицијата сака граѓанска војна

Тој потсети дека „ОН не го признале Косово“, а дека Србија е меѓународно призната земја и членка на ОН, со, како што подвлече, „Косово и Метохија како нејзин дел“.

Знамето, инаку, било закачено во соблекувалната пред натпреварот со Бразил на Светското првенство во Катар. Фотографијата стана вирална на социјалните мрежи откако ја сподели косовскиот министер за култура, млади и спорт Хајрула Чеку.

„Срамни слики од соблекувалната на Србија кои испраќаат пораки на омраза, ксенофобични и геноцидни пораки кон Косово, експлоатирајќи ја платформата на Светското фудбалско првенство“, напиша Чеку на својот Твитер профил.

Како што велат од ФИФА, постапката против Србија е отворена врз основа на членот 11 од Дисциплинскиот правилник и членот 4 од Правилникот на Светското првенство 2022.

- Реклама -