Dacia Duster 2: Малку повеќе шминка не штети

Dacia направи подвиг во последните десет години со револуцијата во својата понуда. Сé започна со навистина извонредно прифатениот Logan, кој бележи врвни резултати и со својата втора генерација, a врв во best-buy филозофијата се покажа кросоверот Duster.

Мошне автентичниот, но и крајно способен и практичен теренец освои армија од клиенти, а од неодамна пристигна и со значително помодерно и поефикасно издание.

Пред околу четири години Dacia во свој стил со кој се наметна во последната декада на светските пазари, мошне агресивно ја изненади јавноста со уште еден  best-buy хит. Овој пат својот рецепт за едноставен и прифатлив, пред сé ценовно, модел кој го понуди во SUV пакување. Не е тајна, дека многумина беа скептици, како впрочем и за другите модели на романската компанија Logan и Sanderо, која е под „комплетна опсервација“ на Renault и тврдеа дека таква комбинација не може да биде добра и успешна. Секако Duster го докажа спротивното, па за три години стана мошне честа глетка на нашите патишта, но и на улиците на многу побогатите држави, како Франција, Германија, Британија… Едноставно се потврди како лесен и способен теренец, но и крајно практичен за цената, со што им ги помати сметките на конкурентите. Оние досегашни 850.000 продадени единици од фаза 1 се само уште една потврда за сето ова.

Се разбира секоја компанија се стреми кон најиделните вредности на својот производ. Не дека со Duster, од фаза 1, имаше некои посебни проблеми, но во Dacia сметаа дека е време за мали промени и корекции, со кои уште повеќе ќе се приближат до купувачите. Редизајнираниот Duster е достапен на нашиот пазар од неодамна, па по пан европската презентацијата во околината на Марсеј и онаа регионалната во Белград, благодарејќи на соработката со Аутомотив груп имавме прилика да се дружиме повторно со еден претставник од гамата и тоа со топ ниво на опременост и погон 4×4, со 1.5 dCi агрегат и 110KS. Впечатоците од Франција и Србија ги сублимиравме, па еве ги нашите оценки токму за ова издание од гамата.

Освежувањето на Duster, како што ни беше предочено и на прес конференцијата кога на салонот во Франкфурт се сретнавме за прв пат, започна со екстериерот велат експертите од Питешти, иако токму овде имаше најмалку забелешки за изведбата од фаза 1. Сосем очигледно е, кога ќе го имате првиот визуелен контакт со возилото, дека е задржана привлечната форма со препознатливите, сега малку модифицирани калници, а најголемите корекции се направени во изгледот на предниот дел. Како елементи од новата „шминка“ ги издвојуваме модерната и саќесто обликувана маска со додатоци во боја на алуминиум, потоа новата форма на фаровите, каде посебно е истакнат делот за дневните светла. Корегиран е предниот браник, кој со новиот дизајн на фелните и благо изменетата графика на стоп светлата, се сосема доволни Duster да изгледа многу помодерно. Посериозен и попрефинет стајлин му даваат и новите кровни носачи, кои се сега помасивни и модерно обликувани, а комплетниот впечатокот го чини новата палета од металик бои, кои одлично и стојат на набилданата каросерија. Комплетноста на сликата ја заокружуваат новите сиви алуминиумски тркала, како на изведбата која ние ја имавме на тест.

Кога сме кај изведбата од онаа фаза 1 многу повеќе забелешки имаше на внатрешноста. Во склад со ова најмногу новитети забележавме во кабината. Се разбира и овде е задржана основата, но со неколку добро осмислени зафати кокпитот на Duster сега е значително поудобно и поквалитетно опкружување. Од она што е преправено би ги издвол и модификациите на инструменталната табла во скад со ван верзијата Lodgy, потоа на централната конзола и конечно прекинувачи за страничните прозорци кои сега се на вратите. Во ова ниво на опременост треба да се потенцира квалитетот на материјалите во темни бои, многу елементи од хром и алуминиум, што некако остава чуство дека управувате скап и луксузен автомобил, во однос на она што беше досега. Исто така и оценка погоре  за седиштата, кои се далеку поудобни, со изразени потпирачи кои солидно го држат телото, а посебно би ја апострофирале задната клупа каде комфорот не за едно, туку е поткренат за повеќе скалила, со доволно простор за колената и главите на патниците. Вака спакуваниот Duster може да се добие и со темпомат и лимитер на брзината, паркинг сензори, а несомнено чекор понатаму стручњаците од Питешти направиле и со подобрената звучна изолација. Тоа е пред сé поради повисокиот квалитет на материјалот, како и на одредени финеси, преземени од далеку подокажаните модели на Nissan. Duster може да се пофали и со веќе познатиот простор во багажникот – 475 литри и плус 3,3 литри во фиоки, „џепови“…, а за подобар комодитет присутни се радио CD MP3, приклучоци за AUX, Bluetooth, USB, звучници 4x15W, со команди на управувачот и се разбира патен компјутер.

Имавме прилика да го испробаме посилниот турбодизелски агрегат 1.5 dCi во спрега со мануелен шестстепен манувач и погон на сите четири тркала. Моторот генерира моќ од 110 КС при 4.000 вртежи во минута и максимален вртежен момент од 240 Nm при 1.750 вртежи. Новиот пакет мотор-менувач функционираше одлично, како при управувањето на асфалтната подлога, така и по макадам и нерамен терен. Првиот степен на пренос кај шестбрзинскиот менувач е „скратен“, со цел при управувањето во теренски услови, возилото да биде што поефикасно. Во прва брзина возилото се движи со 6 km/h при 1.000 вртежи, што е секако за пофалба. Моторот лесно се носи со 1.325 kg тешкиот автомобил. Системот за погон на сите четири тркала нуди три режими на работа: 2WD-само на предната оска, AUTO-што го регулира и прилагодува погонот на условите на патот, односно ги активира задните тркала ако тоа е потребно (до 80 km/h) и LOCK, со кој се вклучува блокадата на диференцијалот за потреби при теренско возење и услови. Високата каросерија (клиренсот изнесува 21 cm) и кратките „пропусти“ го прават Duster мошне агилен и мобилен во теренски услови. Тоа го проверивме и на специјалниот полигон подготвен во Марсеј, но и по калливите патишта во околината на Белград, а со желба да ги провериме неговите вредности не го штедевме ни тестниот модел кај нас. Иако во повеќе наврати мислевме дека ќе се „забодеме со носот“, тоа не се случи. Едноставно, Duster не се плаши ниту од поекстремни ситуации. Секако своја огромна улога во ова одиграа подобрените ESP – систем за надзор на стабилноста на возилото,  ABS+систем за помош при нагло сопирање (AFU) и секако ASR- систем за пролизгување на тркалата.

Со Duster фаза 2, Dacia направила одлична работа и конечно го надополни овој и досега одличен автомобил. Интересно е дека и покрај големиот број промени цените не се многу драстично изменети и се некако на ниво на досегашните, а гаранцијата од пет години и 100.000 километри и натаму влева доверба. Приказната за успехот на Duster, но и на Daciа генерално продолжува со исто, ако не и забрзано темпо!

[објавено во Авто Плус 238, февруари]

Dacia Duster во Македонија

 

Base 1.6 16V  9.840
Ambiance 1.6 16V 11.740
Laureate 1.2 TCe 125 14.190
Laureate 1.6 16V LPG 13.590
Base 1.6 16V 4×4 11.840
Ambiance 1.5dCi 4×4 15.790
Laureate 1.5 dCi 4×4 16.740
- Реклама -