„Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ, со прифаќање на собраниските Заклучоци“, ќе гласи референдумското прашање на Левица

„Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ, со прифаќање на собраниските Заклучоци“ – вака ќе биде формулирано прашањето за референдумот што го иницира Левица откако таа на ВМРО-ДПМНЕ беше одбиена од претседателот на Собранието, Талат Џафери, соопшти пратеникот и претседател на партијата – Димитар Апасиев, во „Само интервју“ на ТВ „Канал 5“.

Како што рече тој, во Левица сметаат дека со вакво прашање е практично невозможно иницијативата да биде формално-правно одбиена.

Апасиев посочи дека и иницијативата на Христијан Мицкоски била формално-правно уредна, но дека Левица, за разлика од ВМРО-ДПМНЕ, нема директно да го „напаѓа“ Договорот со Бугарија туку Заклучоците, со цел, како што рече, „да не му дава муниција на Талат Џафери да изигрува уставен судија, односно да толкува Устав“.

„Одиме на варијанта во која наративот ќе биде ‘против’, а не ‘за’, односно наратив на продолжување на духот на антивладините протести против бугаризацијата кои беа најмасовни откако е СДС на власт“, рече Апасиев.

Прочитајте и:  Мециновиќ: Со малограѓански сценарија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ сакаа да избегнат одговори на прашањата поставени од Левица

Ќе бараат задолжителен референдум, рече тој, а бидејќи по нашиот Закон за референдум изјаснувањето е „за“ и „против“, очекува граѓаните на прашањето да гласаат „против“.

„Поентата е дека сега се оди согласно член 24 од Законот за референдум, дека на државно ниво референдум може да се распише за одлуки донесени од Собранието или за изјаснување на граѓаните за други прашања за кои одлучувало Собранието. Имено тие ‘други прашања за кои одлучувало Собранието’ се овие Заклучоци кои ние ги ставаме на референдум“, појасни Апасиев.

Проблемот во Заклучоците, рече тој, е во точката 1, која ја внесува Преговарачката рамка т.е. трите документи кои не им беа доставени на пратениците, и точката 3г кој е т.н. француски предлог.

- Реклама -