„Добро е што е поднесена тужба. И таа новоизбрана директорка заслужува, ако е процедурата запазена, мирно да си го помине мандатот, а не постојано да се обвинува како била избрана и слично“, рече претседателката на Судскиот совет
Тоа што се случуваше при изборот на директор на Академијата за судии и јавни обвинители беше скандалозно. Ниту имаше транспарентност, ниту отчетност, ниту имаше доволна аргументација. Ова вечерва во гостување на ТВ Телма го изјави претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, одговарајќи на прашањето да даде коментар за тоа што судијата во Основниот кривичен суд Скопје и кандидат за директор на Академијата за судии и јавни обвинители, Ненад Савески, поднесе тужба поради начинот на кој Управниот одбор на институцијата изврши избор на нов шеф.
„Ако судиите и обвинителите се залагаат за транспарентност, таа не може да биде декларативна. Таа мора да се покажува во секој момент и на секој начин. Транспарентноста барем некој од судиите или од членовите на Управниот одбор требаше да ја покажат и да кажат дека не може на тој начин да се одлага седница и така да се одлучува. Не видов никој да не се спротивстави на тоа“,
рече таа.
Посочи дека не зборува лично, односно конкретно за персоналното решение за избор на директорката на Академијата, оти смета дека ако истото му се случеше на некој од кандидатите, ќе го имаше истото значење.
„Жал ми е што новата директорка ќе го поведе товарот за таквиот начин на членовите на Управниот одбор на Академијата. Со неа имав една средба во рамките на судско-буџетскиот совет. Воодушевена сум од она што таа ми го кажа за нејзините заложби. Но, сега ќе ѝ треба дополнителен напор за да го оправда или да го исправи она што ѝ го предизвикаа членовите на Управниот одбор“,
вели Дамева.
Ја поздрави одважноста на судијата што поднесе тужба за овој случај, но рече дека не смее да навлегува во нејзината основаност или неоснованост бидејќи функцијата не ѝ го дозволува тоа.
„Добро е што е поднесена тужба. И таа новоизбрана директорка заслужува, ако е процедурата запазена, мирно да си го помине мандатот, а не постојано да се обвинува како била избрана и слично“,
рече таа.
Судијата во Основниот кривичен суд Скопје и кандидат за директор на Академијата за судии и јавни обвинители, Ненад Савески, поднел тужба поради начинот на кој Управниот одбор на институцијата изврши избор на нов шеф.
Бидејќи не сака директно да влијае на постапката, во негово име полномошникот Глигорие Ќатоски, адвокат од Струга, објаснува дека тужбата е поднесена до Управниот суд, главно поради тоа што го виде и целата јавност – одлуката на членовите на Управниот одбор да гласаат тајно.
Освен што се оспорува одлуката за избор на директор, полномошникот на судијата Савески бара и привремена мерка – суспендирање на одлуката за избор на директорка.
За основата на тужбата веќе пишуваа повеќе медиуми, вклучувајќи го и „360 степени“.