И Данска демантира дека го поддржала ветото од Бугарија

Откако тоа го стори Холандија, и Данска ја демантира веста во бугарскиот „24 часа“ дека овие две земји го поддржале ветото за Македонија.

Во одговор за „САКАМДАКАЖАМ.мк“, Министерството за надворешни работи на Данска како неточни ги објавува информациите објавени во бугарските медиуми, а пренесени и во Македонија.

„Данска ги поддржува актуелните предлози на Европската Комисија во однос на преговарачката рамка со Албанија и со Северна Македонија и тоа многу јасно го соопшти на сите форуми за преговори. Данска е подготвена да ги прифати овие преговарачки рамки. Данска, дополнително, ја поддржува европската перспектива на сите земји на Западен Балкан. Во овој поглед, Данска го поддржува почетокот на пристапните преговори со Албанија и со Северна Македонија, откако ќе бидат исполнети условите утврдени од Советот за општи работи во март 2020 година“, велат од данското МНР.

И министерот за надворешни работи Бујар Османи изјави дека ниту една друга земја не го поддржува ветото на Бугарија, и дека спорот со нашата источна соседка останува единствената пречка на патот кон почеток на преговорите.

- Реклама -