Копенхаген, 3 јануари 2022 (МИА) – Најголемата турбина на ветер во светот е поврзана на данската електродистрибутивна мрежа и таа ќе може со електрична енергија да снабдува повеќе од 18.000 домаќинства, јавија денеска данските медиуми.
Ветерната турбина, висока 271 метар, е една од највисоките згради во Данска и е дел од Националниот истражувачки центар Остерилд.
Германскиот производител на ветерна енергија „Siemens Games“ турбината на ветер ја пушти во употреба пред Божиќ, а менаџерот на проектот Јенс Модруп притоа кажа дека на тимот од 100 луѓе му биле потребни неколку години за да ја изгради, јави данското радио ДР.ДК.
Компанијата наведува дека турбината со три ротации при мала брзина на ветерот може да наполни еден Tesla Model 3. При најголема брзина на ротација ќе може да произведе до 14 мегавати и да снабдува електрична енергија за околу 18.000 домаќинства во Европската унија, соопшти ДР.ДК.
Аналитичарот на ветерни турбини во Сидбанк, Џејкоб Педерсон, истакна дека големината на турбините на ветер е важна, особено оние што се користат на море.
„Siemens Games“ веќе неколку години е лидер на глобалниот пазар на турбини на ветер, со удел од околу 60 проценти. Меѓутоа, неговиот конкурент „Вестас“ најави изградба на уште поголема турбина. Директорот за продукција на „Вестас“, Томи Рахбек Нилсен, изјави дека ја дизајнирале турбината што планираат да ја инсталираат следната година, но не откри детали.