Тешко е да се каже нешто за Дар-Мар со зборови, кога неговиот основен јазик беше карикатурата. Ама тој не е само обичен карикатурист и обичен хумористичар. Тоа што Дарко Марковиќ го прави голем се јајцата. Дарко Марковиќ имаше доволно муда да гризе кај што другите не се осмелуваа ни да зинат.
Кога сите колективно се посравме и ги наведнавме главите, Дар-Мар пукаше уште посилно. А неговото оружје беше еден едноставен и кроток лик, обично човече, но будно човече, човече со прашања, човече што никогаш не се покори – Пецко.
Таа смиреност на Пецко доаѓа од фактот што ментално, Дар-Мар секогаш беше на повисоко ментално ниво од масата. Беше смирен затоа што знаеше што доаѓа, а другите паничеа и ќе паничат затоа што не го слушаа кога ги предупредуваше. А требаше, затоа што Дар-Мар ги гледаше нештата „три месеци пред другите“.
Има уште понекои како него. Ама си молчат.
Ќе остане нејасно дали ние имавме среќа што го имавме Дар-Мар додека го игравме Тешкото, или тој имаше среќа што се роди во земја со непресушна инспирација.
Ама едно е сигурно: Ако ништо не научивме од Марковиќ, допрва ќе го играме Најтешкото.
Дар-Мар направи доволно. Заслужи одмор. Нека почива во мир.