Делегации на С. Македонија и на Бугарија ќе положат цвеќе на гробот на Гоце Делчев по повод 150 години од неговото раѓање

Скопје, 3 февруари 2022 (МИА) – По повод одбележувањето 150 години од раѓањето на Гоце Делчев, утре, на гробот на Гоце Делчев во црквата Свети Спас делегација на Владата на Република Северна Македонија составена од министерката за култура Костадиновска Стојчевска и заменичката министерка за надворешни работи Фатмире Исаки ќе положи венец заедно со делегации од Република Бугарија.

„Владата на Северна Македонија го поздравува учеството на делегациите на Бугарија во одбележувањето на 150-годишниот јубилеј од раѓањето на, за нас, најзначајниот историски лик за нашата земја, со што двете држави продолжуваат со напорите за интензивирање и продлабочување на вкупната соработка и зацврстување на довербата“, стои во најавата од владиниот Сектор за односи со јавноста.

Прес-службата на бугарската Влада, претходно денеска соопшти дека премиерот на Бугарија – Кирил Петков, утре ќе положи венец пред споменикот на Гоце Делчев во Борисовата градина во Софија, по повод 150-годишнината од неговото раѓање.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, заедно со бугарскиот премиер Петков ќе биде и в.д. амбасадорот на Северна Македонија во Бугарија – Владимир Крстевски.

Инаку, во соопштението од владината прес-служба, се наведува дека Владата на Република Северна Македонија утре со свои претставници ќе организира и ќе биде вклучена во неколку свечени настани и одбележувања. Владата ќе има своја делегација составена од првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и заменик-министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски на положувањето цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата Свети Спас, активност на која се вклучени повеќе државни институции.

Владина делегација составена од министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски и советникот на премиерот Едмонд Адеми ќе положи цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во градскиот парк во Скопје, а потоа и на споменикот на Гоце Делчев на Плоштадот Македонија во Скопје.

Во Музејот на македонската борба, напладне, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ќе присуствува на свеченото отворање на изложбата по повод 150 години од раѓањето на Гоце Делчев, организирана од Државниот архив на Северна Македонија и под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија.

- Реклама -