Демократски сојуз: Државниот врв, сокриен од народот, го злоупотреби Илинден за да повикува да се смени Уставот

Државниот врв вчера држеше говори на најголемиот македонски национален и државен празник – ИЛИНДЕН, далеку од народот, со силно полициско обезбедување и одбрани гости, оценуваат од Демократскиот сојуз.

Според партијата, празникот бил злоупотребен за да се убедуваат граѓаните и опозицијата дека треба да се изгласаат уставните измени.

„Имаше обид да се злоупотреби овој светол празник, да се повикува на илинденците и на востанието за наводно да покажеме и сега храброст за да се промени Уставот, за Македонија да ги почне преговорите за влез во ЕУ.

Многу е несоодветно било кој да се споредува со илинденците или со партизаните и да се повикува на народот,
истовремено да се бега од народот или да се направи нешто што 80% од народот не го прифаќа“, оценуваат од Демократски сојуз.

Од партијата потенцираат дека неспорно е дека членството во ЕУ е наш национален, стратешки и државен интерес, но, велат, „токму државниот врв нѐ заглави на тој пат, со прифаќање на неприфатливи услови, со коленичење и сервилност, без консултации со народот, без стратегија и поширок политички консензус“.

Прочитајте и:  Мицкоски: Ајде да го почитуваме Договорот со Бугарија, таму не стои дека треба да има уставни измени

Од партијата повторно повикаа на предвремени избори.

„Доколку сакате да водите исправни политики, да спроведувате реформи и да создавате услови за подобар живот за сите граѓани, тогаш организирајте парламентарни избори.

Барајте поддршка, не бегајте, не се сокривајте од народот!

Со политички блефови, театар, манипулации и злоупотреба на историските настани, нема да победите ниту ќе направите реформи, а уште помалку ќе обезбедите сплотеност и единство. Ќе ‘купите’ некој ден повеќе да бидете на власт, но народот ќе ве казни!“, се наведува во реакцијата.

Национален, државен и граѓански интерес е да се организираат избори и да се проверат политиките кои се нудат, категорични се од Демократски сојуз.

- Реклама -