Демократските гувернери го поддржаа Бајден: Беше лош во дебатата, но е способен за функцијата

Демократските гувернери на Њујорк, Минесота и Мериленд вчера изјавија дека ќе ја поддржат кандидатурата за реизбор на претседателот Џо Бајден по искрената дискусија со него за неговиот лош настап на минатонеделната ТВ дебата со Доналд Трамп.

– Претседателот отсекогаш ни го чувал грбот. И ние ќе му го чуваме грбот, им рече на новинарите гувернерот на Мериленд, Вес Мур по состанокот со Бајден и потпретседателката Камала Харис во Белата куќа, на кој присуствуваа 24 демократски гувернери и градоначалникот на Вашингтон Д.Ц., вклучително и некои кои се приклучија преку Интернет.

Мур рече дека гувернерите биле искрени во пренесувањето негативни повратни информации од гласачите за лошиот настап на Бајден за време на дебатата со републиканскиот ривал Доналд Трамп. Тој рече дека јасно е дека имаат работа пред изборите на 5 ноември, но оти Бајден јасно ставил до знаење дека ќе остане во трката.

– Претседателот е наш кандидат. Претседателот е лидер на нашата партија, рече Мур.

Во последните денови сè почесто се зборува меѓу демократите дека 81-годишниот Бајден треба да се откаже од трката.

Гувернерката на Њујорк, Кети Хочул, рече дека се чувствува сигурна по состанокот и дека сите гувернери ветија поддршка за Бајден.

Прочитајте и:  Спејсикс го лансираше шестиот пробен лет на Старшип од Тексас во присуство на Трамп

Гувернерот на Минесота, Тим Валц, претседател на Здружението на демократски гувернери, рече дека перформансот на Бајден во дебатата во четвртокот бил лоши но тој мисли дека Бајден е способен за функцијата.

– Очигледно, како и многу Американци, ние сме малку загрижени. Загрижени сме бидејќи заканата од претседателствување на Трамп не е теоретска, рече Валц, додавајќи дека претходното претседателство на Трамп било обележано со „хаос, уништување“.

Речиси десетина државни лидери лично присуствуваа на состанокот, но само тројца од нив потоа разговараа со новинарите.

Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, кој лично присуствуваше на состанокот, ја објави својата реакција на Х: „Слушнав три збора од претседателот вечерва – тој е подготвен. Исто и јас“.

Кампањата на Бајден соопшти дека претседателот ја повторил својата решеност „да ја победи егзистенцијалната закана од Доналд Трамп на гласачките кутии во ноември“ и дека разговарал за важноста да се привлечат демократите на гласачкото ливче.

– Сите учесници ја повторија својата колективна посветеност да направат се што е можно за да им помогнат на претседателот Бајден и потпретседателката Харис да го поразат Доналд Трамп во ноември, се вели во соопштението.

- Реклама -