Некогаш се сметаше дека сме созреале на 19 години, но денес се други времиња. Научниците сега сакаат да се продолжи траењето во дефиницијата за адолесцентскиот раст.
Со оглед дека образованието трае сé подолго, а повеќето млади чекаат со стапувањето во брак и родителството, потребно е да се измени правната дефиниција за адолесценција, пишуваат група научници во статија за списанието „Lancet Child & Adolescent Health“.
Според нив, адолесценцијата службено би требало да трае од 10-та до 24-та година од животот. Меѓутоа, некои стојат цврсто на ставот дека тоа само дополнително ќе ги „подетини“ денешните млади генерации.
Кога почнува пубертетот?
Се смета дека пубертетот почнува кога хипоталамусот почнува да ослободува хормони кои ја активираат хипофизата и половите жлезди.
Некогаш во пубертет влегувавме околу 14-тата година од животот, но денес, поради подобреното општо здравје и (релативно подобрата) исхрана, пубертетот почнува околу 10-тата година. Во Велика Британија, на пример, девојчињата денес првата менструација ја добиваат 4 години порано во споредба со пред 150 години. Половина од денешните девојчиња првата менструација ја добиваат на возраст од 12 или 13 години.
Одложување на животните „етапи“
Постојат и биолошки аргументи за тоа зошто би требало да се продолжи траењето на адолесценцијата. На пример, човечкото тело продолжува да се развива и по пубертетот. Работата на мозокот се подобрува во текот на 20-тите години од животот, а на многумина умници им никнуваат дури на 25 години.
Но повторно, главна улога имаат општествените фактори – тоа што младите сé подоцна стапуваат во брак и го одложуваат добивањето потомство. Во Британија, според официјалната статистика од 2013-та година, просечната старост за прво влегување во брак кај мажите изнесува 32.5 години, а кај жените 30.6 години. Тоа е речиси 8 години подоцна во споредба со 1973 година.
„Иако многу законски привилегии на полнолетството почнуваат на 18 години, прифаќањето на позрелите улоги и одговорности (како брак) обично се случува подоцна“, пишува водечката авторка на текстот – Сузан Сојер (директорка на Кралската детска болница во Мелбурн).
Политиката, според неа, треба да се води од промените во општеството, па оттаму и да се продолжи поддршката за младите до 25 години. Во Велика Британија, на пример, младите луѓе се селат од дома „дури“ во 25-тата година од животот.
Аргументи „против“
Социологот Џен Меквариш не се согласува дека полнолетството треба „да се одложи“. Според неа, на децата и младите многу повеќе влијаат очекувањата од општеството, отколку нивниот внатрешен биолошки раст.
Притоа, таа не смета дека е „детинесто“ подолго да се оди во училиште (т.е. да се посвети подолго време од животот на образование), ниту пак да се експериментира со вработувањето. Младешката желба за независност не треба да се претвора и третира како патологија, додава таа.