Агент на Тајната служба ја забележал цевката на оружјето на напаѓачот крај оградата на голф-клубот на поранешниот претседател Доналд Трамп, по што започнал да пука кон осомничениот
Федералното истражно биро објави дека ќе истражуваат што точно се случило во случајот кој засега го третираат како „спречен обид за атентат“ на поранешниот претседател и актуелен републикански кандидат за претседател на САД, Доналд Трамп, кој се случи денеска во неговиот голф-клуб.
На прес-конференција, ФБИ објави дека локалната полиција уапсила лице за кое се верува дека се обидело да го ликвидира Трамп и дека истрагата е во тек. Осомничениот, според првичните информации, се обидел да го протне своето оружје низ решетките на оградата на голф-теренот, но бил забележан од припадник на Тајната служба, кој веднаш започнал да пука кон него како превентивна мерка. По кратката размена на оган, осомничениот според кажувањата на сведоци истрчал од грмушките во кои се криел и влегол во својот автомобил – црн „нисан“.
„Ние успеавме да го уапсиме осомничениот со помош на еден сведок кој ни пријде и ни посочи дека видел лице кое излегло од грмушка по што го сликал возилото со кое тој го напуштил местото“,
рече шерифот на областа Палм Бич, Рич Бредшоу.
Полициските власти успеале да го погодат возилото по што ги алармирале своите колеги од областа Мартин каунти која се наоѓа северно од местото на нападот, а припадници на локалната полиција успеале да го уапсат лицето на автопатот кој ги поврзува двете области. Тој не покажал никаква емоција при апсењето и не бил вооружен.
Си-ен-ен објави дека напаѓачот не бил во непосредна близина на поранешниот претседател Доналд Трамп и оти веднаш откако се чуле првите пукотници тој бил спроведен на безбедна локација, од каде лично соопшти дека е неповреден и безбеден. Дополнително, според нивните информации, осомничениот бил вооружен и го чекал Трамп да се приближи на еден од терените во негова близина.
За настанот се известени и претседателот Џо Бајден и потпретседателката и кандидатка за претседател од Демократската партија, Камала Харис, која на социјалните мрежи порача дека во САД нема простор за насилство.,
I have been briefed on reports of gunshots fired near former President Trump and his property in Florida, and I am glad he is safe. Violence has no place in America.
— Vice President Kamala Harris (@VP) September 15, 2024
На 13 јули годинава поранешниот американски претседател и кандидат за нов мандат Доналд Трамп преживеа обид за атентат на митинг во Батлер, Пенсилванија. Атентаторот, 20-годишниот Томас Метју Крукс од Бетел Парк, Пенсилванија, беше ликвидиран на самото место од страна на агентите на Тајната служба откако претходно тој испука неколку куршуми од кои еден заврши во увото на Трамп, а друг усмрти еден симпатизер кој беше позициониран на платото зад бината на која се наоѓаше поранешниот претседател.