Дескоска за Јанкулоска: Општеството не смее да се симне на нивото на криминалецот

Екс-министерката за правда – Рената Дескоска, не гледа јавен интерес во објавување на фотографии од лица кои се лишени од слобода со лисици на рацете, конкретно алудирајќи на објавите во медиумите за поранешната министерка за внатрешни работи – Гордана Јанкулоска, која денеска со лисици на рацете беше донесена од затворот „Идризово“ на судењето за предметот „Таргет-Тврдина“.

Напротив, во таквиот третман Дескоска препознава повреда на нејзиното достоинство и, како што вели, будење на ниски страсти кај публиката.

„Правилото ‘око за око, заб за заб“ не е правило врз кое треба да се заснова демократски систем кој ги почитува човековите права. Тоа значи дека демократска држава не спроведува мачење како казна на некој што мачел, или не извршува силување врз некој што силувал. Општеството не смее да се симне на нивото на криминалецот. Лошите пракси не смее да се применуваат, дури ни над оние кои ги применувале некогаш. #ЧовековиПраваЗаСите! Без исклучок!“, порача Дескоска на Фејбук.

- Реклама -