Сурогат мајчинство – сé попрофитабилна индустрија во Украина

На многу млади Украинки им требаат пари. На многу млади парови од Европа им требаат деца. Бизнисот е роден.

Ана дознала за сурогатството на вести, кога имала 18 години. Завршила средно и планирала да работи во хотел во својот роден град во западна Украина. Платата во хотелот би ѝ била помалку од 200 евра месечно. Сурогатството, меѓутоа, се плаќа најмалку околу 15.000 евра.

Семејството на Ана не е сиромашно, ама таа сака да може да си дозволи „скапи нешта“ – како реновирање на куќата, автомобил и апарати за домаќинство.

Тешко ќе ја натерате да зборува за своето искуство. Иако Украина има над стотина сурогат мајки, тамошната јавност сé уште молчи на темата.

Како на производна лента

Украина станува позната сурогат дестинација од 2015-та, кога почна да пропаѓа азиската сурогат индустрија, поради обвиненијата дека ги експлоатира сурогат мајките.

Украина, пак, е една од ретките земји кои нудат евтино сурогатство. Се проценува дека побарувачката за сурогатство во Украина во последните две години е порасната за 1.000%. Ваквиот туризам успева, делумно, и поради тоа што Украина има либерални закони, а „наменетите родители“ од самиот почеток се сметаат за биолошки. Згора на тоа, цената на сурогатството не е фиксна.

Ана на сурогатство се одлучила три години подоцна, откако веќе имала ќерка. Според украинскиот закон, сурогат мајки можат да станат само жените кои веќе имаат деца. Така се гарантира дека нема да се врзат за бебињата кои мораат да ги предадат на некој друг.

Ана се породила во Киев, 450 километри подалеку од нејзиниот роден град, и им родила дете на Словенци. Во избраната клиника не ѝ ја овозможиле потребната нега, но се плаши да зборува за тоа од страв од клиниката. Породувањето сепак поминало без проблеми, а денес Ана се спрема за своето второ сурогат мајчинство.

Недоволна регулација

Иако повеќето клиники работат по пропис, некои ги бие лош глас.

Има случаи во кои украинските агенции одбиваат да им платат на сурогат мајките кои не се држеле до строгите прописи, но и на тие што доживуваат спонтан абортус. Некои експерти велат дека поради брзиот раст на индустријата, законите не можат да држат темпо.

Сурогатството во Украина

Во Украина сурогатството е достапно за хетеросексуални брачни парови кои не можат да зачнат од медицински причини. Детето мора да има генетска врска со барем еден од родителите. Цените се движат меѓу 20.000 и 30.000 евра.

Сурогат мајката нема право на старателство бидејќи на родниот лист се впишуваат имињата на родителите кои плаќаат. Се проценува дека секоја година сурогат мајките во Украина на свет носат по 500 деца, но официјални податоци нема.

Задоволни од услугата

За Марк од Ирска – кој во 2016-та доби син токму од сурогат мајка од Украина, целото искуство било потполно позитивно. неговото семејство имало срдечен однос со сурогат мајката, а неговата сопруга присуствувала на самото породување.

Немале впечаток дека сурогат мајката е третирана како „граѓанин од втор ред“ т.е. експлоатирана од било која вклучена страна. „Знаевме што прави. Имаше ќерка со која останала трудна кога имала 15. Сакаше да ја прати на факултет и да ѝ овозможи прилика што таа лично никогаш ја немала“, раскажува Марк.

„Потствесно знаеш дека не е твое“

 

Потрагата за сурогат мајка за странските парови е неизвесен процес. Во потрагата за проверени клиники се потпираат главно на форуми на интернет. Штосот е што барем неколку од клиниките што нудат такви услуги им плаќаат на луѓе за да пишуваат добри рецензии и препораки.

Медицинскиот центар Ilaya во Киев е на добар глас и има долга листа на чекање. На своите сурогатки им овозможува редовни прегледи.

„Чувствувате како бебето клоца, му зборувате“, вели Тетијана, која моментално е бремена со дете за пар од Шпанија. „Но потствесно знаете дека не е ваше“.

Тетијана ја крие својата бременост од својата мајка. Нејзината пријателка Јана, исто така сурогат мајка, ја советувала на сурогатството да гледа како на обична работа.

Јана родила пред два месеца. Детето ѝ го земале веднаш по породувањето. Признава дека не е лесно за сурогат мајката да биде одвоена од него. „Но, кога ќе ја видите радоста и насмевките на лицата на биолошките родители, тоа е тоа. Знаете дека со детето сé е во ред и дека родителите се среќни“.

Ана сега се подготвува за бебе за пар од Јапонија. Сака да заработи за нов стан. „Кога ви плаќаат и притоа ви се заблагодаруваат, знаете колку сте направиле за нив. Ми рекоа дека сум најважната личност во нивните животи“, вели таа, присетувајќи се на своето прво сурогат искуство.

 

- Реклама -