Деца на Филипини пливаат и по еден километар за да стигнат до училиште

Замислете секој ден до школо да морате да се борите со водни грмушки и да пливате преку надојдена река за да стигнете или да се вратите од училиште. Дел од децата на Филипини немаат потреба да замислуваат, бидејќи тоа им е секојдневие.

Таков е случајот со рибарското и земјоделско село во близина на градот Замбоанге во сиромашниот реон на југот на островот Минданоа. Таму децата, за да стигнат до училиште, поминуваат по околу 1 километар преку вода. Кога реката надоаѓа за време на плимата, децата мораат да пливаат.

„Дури и за добри пливачи, а многу од децата тоа не се, тоа е опасна рута“, вели основачот на добротворната фондација „Жолт чамец на надежта“ – Џеј Џабонета од Филипини, кој кога дознал за случајот, веднаш го споделил на друштвените мрежи.

Постот ги раздвижил работите и почнале да пристигнуваат донации и да се организира помош. Така и настанала „Жолт чамец на надежта“, на која еден од главните начини на помош ѝ е донирање чамци, како што се гледа и од името.

„Селските чамци се користат за риболов, па децата немаат друг избор освен да одат низ вода. Притоа книгите и училишните униформи ги пакуваат во пластични вреќи за да не се намократ во текот на напорното патување до и од училиште. Не бев свесен за ваквата ситуација. Бев шокиран кога слушнав и веднаш споделив на Фејсбук“, вели Џабонета, кој и самиот е од тој реон.

Денес неговата фондација е активна ширум Филипини и главно финансира училишни чамци, обоени во жолта боја, за да потсетуваат на филипинските училишни автобуси. Помал чамец чини околу 200 долари и може да носи од 6 до 8 деца кои мораат самите да веслаат. Со поголемите чамци, од кои дел имаат мотор, управуваат постарите ученици, родители и учители. Ваквите чамци, се разбира, се и поскапи.

Фондацијата ги помага сиромашните и изолирани заедници и со друг вид на проекти, како на пример со финансирање на просторија за спиење за училиштата до кои некои ученици мораат со часови да патуваат сами и преку тежок терен. Еден од последните проекти бил набавка на поголем брод опремен со едукациски средства и материјали, за да може да служи како пловна училница.

Од 2010-та наваму, фондацијата има помогнато во најмалку 200 локални заедници и главно добива локална помош, со исклучок во 2013-та, кога Филипини беа погодени од разорен тајфун, па добиле и нешто меѓународна помош. Со оглед дека фондацијата почнала од идеја и споделен пост на Фејсбук, Џабонета често ја потенцира својата организација како пример дека друштвените мрежи и навистина можат да помогнат во хуманитарните и добротворни акции. Сепак, истакнува тој, најголемиот дел од работата треба да се заврши „оффлајн“.

„Никогаш немав претстава дека еден чамец може да е толку важен, дека може да направи толку голема разлика. Филипините се архипелаг со 7.000 острови, така што чамците и бродовите се потребни насекаде. Се смета дека во целата земја има околу милион пловила и тоа ни звучи многу, па ги земаме здраво за готово“, вели Џабонета за BBC.

- Реклама -